Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели, велат од МНР и апелираат граѓаните да се воздржат од патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток

Макфакс

02/03/2026

16:37

148

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека со внимание и загриженост ги следи случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток, кои имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.

„Со оглед на очигледните обиди на Иран да таргетира, покрај Израел, и повеќе арапски држави, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британската воена база на територијата на Република Кипар, се апелира до сите државјани на Република Северна Македонија да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток“, велат од Министерството.

МНР недвосмислено ги осудува сите напади врз нашите пријатели и партнери, се вели во соопштението. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели, како што се додава, се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност.

„Приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи се наоѓаат во овој регион. Во текот на изминатиот период, надлежните дипломатско-конзуларни претставништва се во континуирана комуникација со нив“, велат од МНР.

Министерството, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва, разгледува повеќе можни сценарија за репатриација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога тоа ќе го дозволат условите на терен и/или по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.