Првото јавно обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп за војната против Иран остави повеќе отворени прашања отколку одговори, анализира Би-би-си.
Како што истакна британскиот јавен сервис, беше невообичаено да се види Трамп како користи т.н. телепромптер. Фактот што читал однапред подготвен текст во своето прво директно обраќање од почетокот на нападите сугерира дека бил свесен колку е важно да се држи до зададената рамка.
Не ја споменал промената на режимот
Трамп во говорот ги набројал воените цели: уништување на иранските балистички проектили, разорување на иранската морнарица, спречување режимот некогаш да дојде до нуклеарно оружје и запирање на финансирањето на тероризмот. Но притоа не го повторил својот претходен повик до иранскиот народ да се крене против властите.
Би-би-си нагласува дека во говорот воопшто не ја споменал промената на режимот.
Претседателот изјавил дека првично се проценувало оти војната би можела да трае четири до пет недели, но додал дека ќе трае онолку колку што ќе биде потребно. Се осврнал и на медиумските написи дека војната би можела да му стане здодевна, велејќи дека во тоа „нема ништо здодевно“.
Во салата, наведува Би-би-си, се слушнала нервозна смеа кога Трамп накратко отстапил од темата, почнал да ги фали завесите во просторијата што ги избрал во својот прв мандат и да ја опишува салата за танцување што ја гради во Белата куќа.
Без одговор за политичката иднина на Иран
Би-би-си истакнува дека обраќањето на Трамп не понудило јасни насоки за долгорочните цели на САД во Иран по завршувањето на војната.
Иако детално ги навел воените цели и процената за траењето на конфликтот, претседателот не кажал ништо за политичката иднина на Иран. Тоа, пишува Би-би-си, е клучното прашање откако САД го убија врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи и додека е неизвесно кој ќе го наследи.
Трамп, исто така, не објаснил како Вашингтон планира да реагира доколку конфликтот прерасне во поширока регионална војна.
Би-би-си заклучува дека комуникациската стратегија на Трамп претставува отстапување од досегашната практика. Во минатото, американските претседатели одржувале големи обраќања до нацијата за да ги објаснат причините за влегување во војна. Трамп засега не го сторил тоа, ниту во понеделникот навестил дека такво обраќање би можело наскоро да се случи.











