Синоќа се одржа 29 издание на „Златна Бубамара на популарноста“, а еден од најемотивните моменти го предизвика актерот Игор Џамбазов кој допре до публиката оддавајќи им почит на младите луѓе кои загинаа во пожарот во Кочани.
Актерот изјави дека ова е можеби најтажната „Златна Бубамара на популарноста“ досега.
Тој ја рецитираше поемата „Крвава бајка“ од српската поетеса Десанка Максимовиќ, а зад него на видеобимот беа испишани зборовите „Македонска крвава бајка“.
„Беше тоа во некоја земја на селани, на брдовитиот Балкан, умреа маченичка смрт цела чета ученици за еден ден. Истата година сите беа родени, исто им минуваа училишните денови, на истите свечености заедно беа водени, од истите болести сите беа вакцинирани, и сите умреа во ист ден.
„Кој ги уби тие деца? Наши неодговорни луѓе, луѓе-нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, луѓе. Новиот фашизам нахранет со алчност, корупција и незнаење. Новиот фашизам, новиот лик на светот кој никому не му се допаѓа. Пред три години на оваа иста сцена рецитирав стихови од антифашистичкиот брат на Десанка Максимовиќ, нашиот легендарен поет Славко Јаневски. Се сеќавате? ‘Тиквешко негде в некое село, кај слана тивко венеше цвеќе, убија дете’.
Кому му ги рецитирав овие стихови? Ја научи ли некој оваа поезија? Се слушаме ли луѓе? Кому му пречеа тие деца?
„Во градот Крагуевац, каде што на 21 октомври во 1941 е направен фашистички масакр над учениците и нивните наставници, уште стои споменик од наставникот кој рекол: ‘Пукајте, јас и сега држам час’. Како кај нас не се најде некој да го каже тоа, да ги заштитеше овие деца?“.
Во текот на настанот се потсетуваше и на познатите личности кои починале во изминатата година, а беа прикажани и фотографии од сите загинати членови на групата „ДНК“, како и дел од тимот на „Златна Бубамара“, вклучувајќи го и тонецот Игор Велков.

„Сара десет години на оваа сцена ми го чуваше грбот. Никогаш нема да ја заборавам“, рече Џамбазов за професорката по пијано и придружен вокал Сара Пројковска.
Солзи и громогласни овации одекнуваа низ салата, додека присутните ги подголтнуваа солзите за овој немил настан.















