Левица: Доцни исплатата за породилно отсуство

Макфакс

27/02/2026

14:24

136

Големина на фонт

а а а

Цел месец нема исплата на надомест за породилно отсуство. Мајките кои се на породилно отсуство, жени што родиле, кои се во најчувствителниот период по породување, се оставени без средства што им следуваат по закон, велат од Левица.

„Во држава со мизерни плати и сѐ поскап животен стандард, каде голем дел од семејствата едвај го туркаат месецот, вакво доцнење не е банална административна грешка, туку сериозен удар врз егзистенцијата. Најпогодени се самохраните мајки и семејствата каде мајката е единствениот вработен или носител на приходот. За нив, породилното не е додаток, туку основа за преживување“, велат од партијата.

Според Левица, особено лицемерно е што истата таа власт секојдневно зборува за демографија, за зголемување на наталитетот.

„Не може да повикувате на раѓање деца, а да не сте способни навреме да исплатите породилно. Не може да се гради демографска политика со празни флоскули додека мајките чекаат на исплата до последен ден од месецот. Доколку Владата има капацитет навреме да исплаќа функционерски плати и привилегии, тогаш мора да има капацитет и навреме да ги исплати мајките. Сѐ друго е доказ за погрешно поставени приоритети“, велат од партијата.

Левица бара итна исплата на заостанатото породилно и јасен одговор од надлежните – дали станува збор за финансиски проблем, лошо буџетско планирање или елементарна неспособност.