Александар Јорданов - гласен зад диџеј пултот, тивок меѓу бонсаито и театарот: „Низ историјата е докажано дека не постои појасен и погласен протест од музиката“

Точка

26/02/2026

10:35

408

Големина на фонт

а а а

Човекот што ноќе ја разгорува атмосферата зад диџеј пултот, дење со трпение обликува бонсаи како мала животна филозофија, а зад сцената во „Театар Комедија“ тивко ја држи магијата под контрола... Александар Јорданов е името кое несомнено остава длабок белег во сѐ она што го работи и создава.

Во разговор за „Точка“ овој млад и ентузијастичен човек, искрено говори за она што е суштинско за него, она без кое не може да си го замисли секојдневието и кое е водилка до врвовите кои и тоа како се достижни доколку се верува и сака. 

❓ Кој е Александар Јорданов, човекот кој живее меѓу гласната еуфорија и тишината?

✨ Јас сум само еден човек кој еуфорично го љуби животот, затоа што приказната наречена постоење не престанува да ме инспирира да ја раскажувам низ звуци, а зборови не се потребни во присуство на чиста енергија. Таа е способна самата по себе да создаде, промени и остави зад себе траен белег.


❓ Ти си еден од најактивните диџеи во Скопје. Што ја прави една вечер "незаборавна" - публиката, просторот или енергијата која ја носиш ти?

✨ Совршената комбинација од овие три, каде најсилното во комбинацијата би требало да биде мојата енергија односно желба и убави луѓе кои ќе бидат доволно отворени и ќе ми дозволат заедно да ја претвориме вечерта во магија.


❓ Твојот избор на музика често го враќа духот на старите времиња, но со модерна нота. Дали носталгијата е твоја инспирација или стратегија во тоа што го работиш?

✨ Логичка прогресија, која за мене испадна добитна комбинација. Од кога знам за себе, кај мене дома се слушало квалитетна музика. Мојот татко кој во младоста беше во музичките рокенрол води, беше познат и по најдобрите домашни забави, а јас уште мал обожував да присуствувам на истите, за подоцна и самиот да добијам желба да го правам истото и ете...


❓ Малкумина знаат дека си сопственик на првиот Бонсаи центар во Македонија. Како диџејот во тебе се сретна со бонсаи уметноста?

✨ Првата средба со поимот за мене се случи кога бев дете, преку светскиот блокбастер "Карате Кид" кој своевремено воодушевуваше и поставуваше морални постулати на цела една млада генерација, тогаш само деца. И да, иако ова звучи наивно, љубопитноста со текот на годините се претвораше во поле на интерес, потоа хоби, за конечно сред карантините мојата потреба за слобода, креација и вид на отпор кон тогашната ситуација да ги претворам во "Оаза" - местото каде се наоѓа мојот мир, местото кое се разви во фамилијарен бизнис и кое ќе го оставиме со мојот брат Давид Јорданов како аманет за идните поколенија.


❓ Бонсаито бара трпение, музиката бара импулс. Како ги балансираш тие две енергии во себе?

✨ Самите по себе го прават балансот во мојот живот. Иако сум тивок, мојот темперамент бара насочување. Бонсаито ми дава форма и тек во процесите, а музиката филтер и израз на духот. Двете бараат трпение и постојано усовршување, но во целост го задоволуваат мојот ментален и креативен импулс.


❓ Работиш и како инспициент во Театар Комедија. Да се биде на сцена со врвни актери значи да се живее во друга енергија. Што ти дава театарот што музиката не може?

✨ Не би рекол дека дава нешто што музиката не може. Само ја надополнува мојата животна сложувалка. ''Оаза'' е мојот мир, театарот позитивната енергија, а музиката е мојата суштина.


❓ Дали некогаш си посакал да бидеш на сцена и како актер?

✨ Никогаш и никако! Пресрамежлив сум за такво нешто. Иако морам да признаам понекогаш знам да се "прошетам" како статист на сцената. Но, толку и доволно. 😊


❓ Неодамна присуствуваше на герила акцијата во Скопје со музика на улица за "Стоп за Усје". Може ли песната да биде форма на протест?

✨ Низ историјата е докажано дека не постои појасен и погласен протест од музиката! Таа раскажува, сведочи и нѐ учи! Слушајте ја и играјте како никој да не ве гледа!😊


❓ Каква беше реакцијата на случајните минувачи кога ве видоа во центарот на Скопје - среде улица, со музика и транспаренти?

✨ Најпозитивна и природна. Од прва малку изненадени, но лесно се впиваа во бранот звуци со својата поддршка, дали на нозе или од сопствениот автомобил.


❓ Што слуша Александар кога е сам дома - има ли нешто што никогаш не би го пуштил на сет, а приватно го обожава?

✨ Последниве години сакам да минувам повеќе време во тишина а секако слушам и музика што не би ја пуштил, како на пример музика за медитација.


❓ Што те движи најмногу низ животот - амбиција, љубопитност, љубов кон уметноста или нешто сосема трето?

✨ УПОРНОСТА, амбицијата, љубопитноста и позитивната енергија!


❓ Кога би требало да се опишеш со една песна - која би била таа?

✨ „Dream On“ - „Aerosmith“...


✍️ Автор: М.Р.