Со хумор што го отсликува нашиот менталитет, но и пораки што допираат до сериозните предизвици на современото општество, Бојан Велевски преку стендап-комедијата отвора теми за кои сè почесто треба да се зборува. Неговата турнеја, во која балканскиот менталитет се соочува со вештачката интелигенција, носи многу повеќе од смеа – потсетува на важноста на надежта, разбирањето и искреното соочување со самите себе.
Во интервјуто за „Точка“, Велевски открива како публиката реагира на неговиот хумор, какво искуство му донел настапот во Кочани и зошто на младите комичари им порачува да градат публика, а не само бројки на социјалните мрежи.
❓ Насловот на твојата турнеја звучи како судир меѓу вештачката интелигенција и нашиот добро познат балкански менталитет. Што е тоа што ChatGPT сè уште не може да го разбере за Македонците.
✨Текстот го работевме заедно со Божидар Божиновски. Јас пишував за менталитетот, а тој го вметна ChatGPT како контраст. Слободно можам да кажам (бидејќи редовно одам по настапи и гледам во кој правец се движи стенд-ап сцената) дека имаме текст кој поместува граници во квалитативна смисла. Не велам дека е “најсмешен”, само велам дека во себе има повеќе нивоа на комедија, суптилни пораки во самиот текст и зборува за сериозни теми кои особено го мачат младиот човек - како што се депресија, анксиозност, зависност од технологија итн. Текстот е чист! Нема ни една вулгарност и публиката слободно може да дојде и во фамилијарен состав.

❓ Колку Македонците се подготвени да се пошегуваат на сопствена сметка? Дали повеќе се смееме на сопствените маани или полесно ни е да ги препознаеме кај другите?
✨Овој текст е исклучиво хумор на наша... македонска/балканска сметка! Публиката досега најмногу ужива во оние парчиња од перформансот каде што најлесно и најбрзо се препознава. Тоа кажува дека нашиот народ нема проблем да се насмее на сопствена сметка.

❓ Дали постојат шеги што функционираат одлично во еден град, а во друг наидуваат на сосема поинаква реакција? Имаш ли таков пример од турнејата?
✨Моја генерална, општа констатација е дека во оние градови каде што редовно има понуда на театарски претстави, кино, изложби итн... во тие градови за степен до два реакциите се со поголем интензитет од оние градови каде понудата од областа на културно-забавниот живот е значително помала. Инаку, во 90% од текстот во сите градови луѓето реагираат на точни места. Единствено се разликува “температурата” во реакциите.

❓ Настапот во Кочани сигурно носеше поинаква тежина, имајќи предвид дека градот ја преживеа големата трагедија. Како е да се застане на сцена во град што сè уште носи толку голема болка?
✨Уффф... првите 5-10 мин на сцена мене ми беа исклучително чудни (иако верувам дека публиката во Кочани тоа не го почувствува). Но, психолошки се подготвував два дена пред настапот дека може да имам такво чувство и работев на тоа да се справам кога ќе дојде моментот за на сцена. Морам да истакнам дека огромна почит и љубов добив од градот и публиката. Тоа не го чувствував само во салата, туку и низ улиците во градот. Се надевам дека барем малку придонесовме за подигнување на духот и моралот во Кочани.

❓ Големото финале на турнејата ќе биде во Скопје. Дали чувствуваш одреден притисок кога настапуваш пред домашната публика во Скопје, каде што луѓето можеби имаат поголеми очекувања од тебе?
✨Одговорноста дома секогаш е поинаква и тој еден поинаков тип на притисок го имам на денот на настанот. Не можам да го објаснам... особено кога е финалето во прашање. Истото чувство го имав и за финалето во 2023 година. Скопје е последен... и публиката постојано ги гледа полните сали од секој град, еуфоријата на риловите од настапите и тоа билда еден електрицитет кој се “празни” таа вечер и тоа дава едно посебно чувство и на сцена и во гледалиштето. Последни 150 карти до овој момент се на продажба ТУКА.
❓ Што мислиш дека најмногу им недостига на Македонците денес – повеќе смеа, повеќе разбирање или повеќе надеж?
✨Секако дека надеж... тоа е клучната состојка без која нема придвижување напред во животот. Затоа и надежта последна умира.

❓ Ако еден млад човек денес сака сериозно да се занимава со стендап-комедија, кој совет би му го дал за да не падне во замката на брзата популарност?
✨Да не рипа чекори! За да трае! Да изгради публика, а не followers. Тоа се два различни света. Внимателно да ги бира приликите кои му се ставаат на располагање. Да ја почитува публиката која го прати. Да не ја потценува со настани кои се големи, а не е дораснат квалитативно да ги износи. Тоа е непочитување кон луѓето. Да внимава, да не го понесе турбо фолк стендап-от и “десингерица хуморот”. Тоа во моментов доминира како понуда на нашата сцена за жал.. но тоа е одлика на брзиот раст на социјалните мрежи и желбата веднаш тоа да се капитализира во пари и профит. Тој модел на однесување те тера да вадиш брз продукт кој нема никаква вредност и публиката многу брзо ќе направи споредба со некој кој има квалитетен текст. После е многу тешко да ја вратиш довербата назад.

Билети за претстојната турнеја на Бојан Велевски може да си купите ТУКА.
✍️ Автор: М.Р.










