Интервју со Андреја Исаиев и Виктор Михајловски: Од првиот удар до вистинската страст кон тенисот - приказната на ТК Мондано

Точка

24/02/2026

15:21

431

Големина на фонт

а а а

Андреја Исаиев и Виктор Михајловски се добро познати имиња во тениските кругови во нашата земја. Како големи пријатели и вистински тениски ентузијасти, тие стојат зад успешната приказна на тенискиот клуб Мондано, кој повеќе од една деценија континуирано и посветено работи со млади таленти.

Нивната визија, енергија и љубов кон спортот придонесоа Мондано да стане место каде што децата не само што учат тенис, туку ја развиваат спортската култура, дисциплината и тимскиот дух.

Андреја е професионален тренер, младински национален селектор кој работи со нашите најталентирани млади тенисери. Тој со својата позитивна енергија го афирмира тенисот во земјава, и е поттик за многу млади да го засакаат овој спорт. Дава професионални тениски часови на возрасни, на почетници, работи со натпреварувачи, а под негово водство неколку млади тенисери веќе остваруваат одлични резултати.

Виктор пак е задолжен за оперативните работи во клубот. Координација на сите тренери, одговорности околу координација на тимовите за одржување на тениските терени, маркетинг и финансии.

И двајцата со својата љубов кон тенисот и посветеност изминативе години мотивираа голем број на деца да го засакаат тенисот. Несебични и амбициозни, тие со својот тениски клуб Мондано овозможуваат децата кои го сакаат тенисот да имаат максимално добри услови за работа, одлични тренери и секогаш достапни терени за да можат да го искажат својот потенцијал.


Успешно ги менаџираат тренинзите и терените во АБЦ и Мондано (во кругот на ОУ Јосип Броз), од каде веќе излегуваат деца кои се меѓу најдобрите во својата генерација. Максимално посветени тие секојдневно работат со цел талентираните млади спортисти да го развијат својот потенцијал.

На терените во овој клуб секојдневно можат да се видат и бројни рекреативци на возраст од 6 до 76 години, за кои е заедничко дека терминот го завршуваат со насмевка и задоволство кое тенисот како спорт го овозможува.

Организираат и разни ревијални тениски натпревари за здруженија и компании, популаризирајќи го тенискот во нашата земја. Насмеани, секогаш позитивни и секогаш расположени за тенис, не мотивираа на кратко интервју со нив.

Зошто е добро да се игра тенис?

Виктор: Првата добра работа е што за тенис ти треба само уште еден човек (се смее). Тенисот е спорт каде што психата и емоциите се многу битен фактор, сам си со себе немаш помош од друг, и понекогаш тоа доведува до тотално опуштање на умот. Исто така не е контакт спорт што има голема предност пред кошарка, фудбал или ракомет. Во тенисот нема граници, може да играат деца на 5 годишна возраст, како и возрасни со 70+ години. Забавен е, интересен! Кога се игра на земја нема оптеретување на зглобовите, а сите мускули се движат.

Што го прави тенисот специфичен?

Андреја: Тенисот е индивидуален спорт – сите пофалби, но и сите критики одат директно кај тебе. И тоа не е лесно.

Напредокот понекогаш доаѓа бавно. За мали подобрувања се потребни месеци работа, вложувања, услови… многу работи треба да се поклопат.

Но, и покрај сè – чувството кога играш тенис е посебно. Малку магично. Кој ќе почне посериозно да игра, најчесто се вљубува во спортот и останува со него цел живот.


Колку е лесно да се работи со деца?

Андреја: Работата со деца е благородна, но и предизвикувачка. Треба трпение, упорност и разбирање. Не е доволно само да знаеш тенис – треба да ја разбираш и детската психологија.

Кога децата се опуштени и среќни, многу полесно учат. Затоа е важно на тренинг да има смеа, позитивна атмосфера и чувство дека се на вистинското место.

Колку е важен тренерот?

Андреја: Многу. Тренерот има огромна улога во развојот, не само спортски, туку и како личност. Но, исто така е привилегија да работиш со мотивирани и амбициозни деца. Кога ќе видиш дека навистина сакаат, тоа ти дава дополнителна енергија.

Клучот за успех во спортот, а особено во тенисот, не е само талентот. Тој е само почеток. Успехот е комбинација од повеќе фактори што мора да се развиваат паралелно.

1. Љубов кон играта. Без љубов кон тенисот, успехот е краткорочен. Кога детето ужива во процесот, резултатите доаѓаат како последица. Ако зборуваме за деца конкретно, успех не значи веднаш титули, туку развој, карактер и долгорочна мотивација.

2. Дисциплина и континуитет. Редовен тренинг, правилен одмор, исхрана и повторување на основите. Во тенисот, напредокот доаѓа постепено, преку илјадници удари.

3. Работна етика повеќе од талент.

4. Ментална цврстина Играчите како Novak Djokovic често истакнуваат дека психолошката подготовка е подеднакво важна како и физичката.

5. Поддршка од околината

Семејство, тренер и здрава атмосфера се огромен фактор. Притисокот може да скрши, но правилната поддршка гради шампиони.

Како ги мотивирате децата да тренираат и да бидат упорни?

Виктор: Сведоци сме дека во пракса се случува родителите да ги запишуваат децата на различни спортови, па кога децата ќе се соочат со прва пречка, да ги отпишат од еден, и да ги запишат на друг спорт. Тоа не е начин да се поддржуваат децата. Треба да им се објасни дека треба да бидат истрајни, да ги надминуваат проблемите, бидејќи така ќе биде и во животот понатаму.


Важно е мотивираноста и желбата првенствено да доаѓа од самите деца, тие да сакаат да доаѓаат на тренинг, да се дружат, да се чувствуваат убаво. Работите треба да се развиваат по природен пат, децата тоа да го чувствуваат како свој избор, а не нешто наметнато, и секако ние сме тука за да им го задржиме вниманието особено на најмалите преку едукативни игри исто и на рекреативците кои се почетници.

Што е пресудно за успех?

Андреја: Многу фактори влијаат. Дури и се да направите како што треба и како тренери или како родители успехот не е загарантиран. Сепак напорни тренинзи, фитнес тренинзи, работа на спортската психологија кај децата и секако турнири се важни елементи.

Кој членува во вашиот клуб?

Виктор: Имаме почетници, но и деца кои веќе професионално се натпреваруваат, во земјава и регионот. Имаме деца со исклучителен талент, кои 5 до 6 пати во неделата тренираат. Кога ги гледаме како работат, колку се посветени тоа за нас претставува голема радост. Секој успех на дете кое тренира кај нас е наша голема мотивација која не тера да бидеме подобри и да се стремиме кон повисоки цели. Но, во нашиот клуб играат и голем број на рекреативци, посебно во потоплите периоди од годината.

Со цел да поттикнеме помасовно играње тенис, обезбедуваме и попусти, пакети, изнајмуваме и опрема, и многу повеќе за да постојат услови.


Што нуди Мондано Тенис Клуб?

Виктор: Имаме 6 тениски терени на располагање, и сите во секое време се во одлична состојба. Тие се секогаш достапни за членовите на нашиот клуб и за сите оние кој сакаат добри терени и убава атмосфера.

Несебично им овозможуваме на децата да играат и да го покажат својот потенцијал. Со нив се гради пријателски однос, како и со нивните родители, и слободно можам да кажам дека сме доста поврзани. Исто е и со рекреативците, и тие се секогаш добродојдени во нашиот клуб. Им помагаме со опрема, дававе совети при игра, се разбира во рамките на можностите и времето кое го имаме. Во секој случај секој што дошол еднаш во нашиот клуб, се вратил повторно.