[ВИДЕО] „Знам дека е греота“: Фатен маж како исфрла пет мали кученца на улица, не сакал да ја стерилизира неговата кучка

Точка

23/02/2026

16:15

740

Големина на фонт

а а а

Случајна минувачка снимила несовесно постапување на маж, кој според видеото кое го објави здружението за заштита на животните „Анима мунди“, исфрлил пет мали кученца на улица, одземени од мајката која ја чува тој.

На видеото се слуша жената како му вели дека кученцата можат да бидат повредени или згазени од автомобили и дека нема кој да ги храни и му укажува дека постојат бесплатни стерилизации, но тој сепак ги остава, велејќи ѝ дека знае дека се греота.

Од здружението велат дека токму ваквите постапки го произведуваат проблемот што сите подоцна го плаќаме, а животните со своите животи.


„Науката за јавни политики е јасна: проблеми што произлегуваат од човечко однесување не се решаваат со собирање на последиците, туку со регулирање на изворот. Популацијата на бездомни животни е предвидлив, математички објаснив феномен -секое нестерилизирано животно создава експоненцијален раст на нови генерации. Затоа мерки како масовно стационирање, дислокации или еутаназија никаде не дале трајни резултати. Напротив, создаваат „вакуум ефект“ – испразнетиот простор повторно се пополнува ако изворот остане неконтролиран“.

Според нив клучно е и да се разбере дека не се потребни повеќе стационари туку систем што ќе ги празни, не што ќе ги полни.

„Отворање нови капацитети без да се запре приливот е како да отворате нови болници, а да не спречувате несреќи. Со секој нов објект без контрола на изворот, индиректно се праќа порака дека неодговорноста ќе биде „апсорбирана“ од системот. Затоа инсистираме на итни системски мерки: измена на Законот за заштита и благосостојба на животните, согласно поднесените предлози, масовна едукација за одговорно сопствеништво, бесплатни и субвенционирани стерилизации, особено за ранливи категории, активна инспекција на терен, строги казни за напуштање и неконтролирано размножување. Без превенција нема решение. Само нови генерации фрлени на улица. Ако лицето е во социјален ризик, системот треба да помогне. Но ако некој свесно напушта, мора да одговара. Законот не смее да биде мртва буква. Општество што инвестира во превенција создава ред. Општество што плаќа само последици создава хроничен проблем. Нема решение без систем“, велат од „Анима мунди“.