Ако не сакате да го предизвикате Огнениот коњ, ова денеска никако не правете го: Може да ги „избрка“ парите од домот

Точка

17/02/2026

13:25

947

Големина на фонт

а а а

Додека ние Новата година ја дочекуваме на 31 декември, а потоа и по јулијанскиот календар, во Кина времето се пресметува поинаку. Кинеската Нова година – позната и како Лунарна Нова година започнува со втората млада месечина по зимската солистиција, па затоа нејзиниот датум варира секоја година помеѓу крајот на јануари и крајот на февруари.

Во 2026 година започнува на 17-ти февруари и означува влегување во годината на Огнениот коњ – период кој во кинеската традиција се смета за силен, енергичен, непредвидлив и полн со интензитет.

Важно е да се нагласи – сите забрани и препораки кои го следат овој празник се дел од кинеската традиција и народни верувања што се пренесуваат со векови, а многумина и денес барем симболично ги почитуваат. Едно правило особено се издвојува: првиот ден куќата не се мете.

Зошто не се мете првиот ден?

Во кинеското традиционално верување, метлата тој ден не ја отстранува само прашината туку и среќата.

Се верува дека со метењето и изнесувањето ѓубре може симболично да се „измете“ богатството, благосостојбата и позитивната енергија од домот. Поради тоа генералното чистење се прави во деновите пред почетокот на празникот, за новата година да се дочека во уреден простор – но без ризик среќата да се исфрли надвор.

Година на Огнениот коњ – енергија што не треба да се предизвикува

Кинескиот хороскоп функционира преку циклус од 12 животни и пет елементи – дрво, оган, земја, метал и вода. 2026 година го носи знакот на коњот, но и елементот оган.

Огнениот коњ во кинеската астрологија симболизира страст, импулсивност, сила, но и ненадејни промени. Се работи за година на силна енергија, амбиција и движења.

Токму затоа се верува дека почетокот на годината треба да се дочека внимателно – без постапки што симболично би можеле да ја „разлутат“ енергијата на годината. Во тој контекст, чистењето, перењето и фрлањето предмети на првиот ден се смета за лош знак.


Шест нешта што Кинезите традиционално ги избегнуваат на првиот ден од годината

Не метат и не изнесуваат ѓубре

Како што наложува кинеската традиција, метењето на првиот ден може да значи исфрлање на среќа од куќата. Ѓубрето не се изнесува, а метлата не се употребува.

Избегнуваат негативни зборови

Зборовите поврзани со болест, смрт, сиромаштија или несреќа се сметаат за лош предзнак. На првиот ден се зборува за радоста, здравјето и успехот.

Не јадат каша за појадок

Во традиционалното кинеско толкување, кашата симболизира сиромаштија. Се смета дека таков појадок би можел да „призове“ скромност и финансиски тешкотии во месеците што следуваат.


Не ја мијат и не ја шишаат косата

Се верува дека миењето на косата може да ја „испере“ среќата, додека шишањето се поврзува со можни семејни загуби.

Не ја перат облеката

Првиот и вториот ден од празникот во кинеската традиција се поврзани со роденденот на богот на водата. Перењето на облеката се смета за непочитување, но и симболично „одлевање“ на парите.

Избегнуваат црна и бела облека

Црвената боја симболизира среќа, просперитет и заштита. Црната и белата традиционално се поврзуваат со жалење па за време на празникот се препорачува носење ведри и светли бои.


Традиција, симболика и современ живот

Денес многумина ги сметаат овие обичаи како дел од културно наследство, а не како строго правило, но сепак симболиката останува силна.

Повеќето од нас веројатно нема да размислуваме за Огнениот коњ додека ја земаме метлата в раце, но интересно е што народите без оглед на географската оддалеченост развиле слични верувања за почетокот на годината, среќата и благосостојбата.

На крајот било да верувате во кинескиот хороскоп или не, симболиката на почетокот има универзална порака: годината започнете ја со добра енергија, без расправии, без тешки зборови и барем тој ден – без метла.

Доколку не сакате да ја „предизвикате“ енергијата на Огнениот коњ, можеби наједноставното нешто е да го одложите чистењето на 17 февруари и да се фокусирате на семејството, трпезата и добрите желби.