Британскиот готвач Гордон Ремзи го повика Бруклин Бекам да се „сети од каде доаѓа“ среде наводниот конфликт со семејството. Познатиот 59-годишен готвач, кој со децении е близок пријател на семејството Бекам, во разговор за „The Sun“ откри дека е во контакт со 26-годишниот претприемач и дека неговите родители, Дејвид и Викторија Бекам, се надвор од себе поради нарушените односи.
„Ситуацијата е многу тешка“, започна Гордон. „Викторија е вознемирена, а јас со сигурност знам, секој ден во неделата, колку Дејвид го сака Бруклин. Бруклин и јас малку се допишувавме, нашиот однос е цврст. Го сакам – има неверојатно срце“.
Говорејќи за Дејвид и Викторија како родители, продолжи: „Од прва рака видов колку се добри родители. Дејвид како татко е едноставно неверојатен. И двајцата вложија толку многу енергија во своите деца и знам колку пати го извлекувале Бруклин од неволји“.

„Мислам дека е само прашање на време кога Бруклин добро ќе размисли за сè и ќе сфати што му значат родителите. Силно сака да изгради сопствен пат и тоа кај него го почитувам. Тоа е многу добра работа“, додаде тој.
„Сети се од каде доаѓаш“
На Ремзи семејните драми не му се непознати. Таткото на неговата сопруга Тана, Крис Хачесон, беше осуден на шест месеци затвор во 2017 година поради хакирање на компјутерските системи на компанијата. Но, како што објасни, тој и неговата сопруга Тана Ремзи оттогаш „ја закопале воената секира“, па го повика Бруклин да го направи истото.
„Но, сети се од каде доаѓаш. И искрено, еден ден повеќе нема да ги имаш мајка ти и татко ти, и тоа мораш да го сфатиш. Тоа ќе ти стане јасно“.
Гордон додаде: „Само сакам Бруклин да земе момент за себе. И запомни: ти си половина од мајка ти, половина од татко ти. И си неверојатен млад човек. Но, човеку, тие за тебе направија повеќе од кој било во целиот твој живот“.

Спорниот свадбен танц
Гордон се осврна и на свадбениот танц, за кој Бруклин во својата изјава минатиот месец рекол дека му бил „одземен“ од мајка му. Поранешната членка на групата „Spice Girls“, како што тврди, „непримерно танцувала“ откако на сцената ја повикал водителот Марк Ентони.
„Тука немаше ништо ласцивно. Ништо непристојно. Сите се забавуваа и танцуваа“, рече Гордон. Додаде дека Викторија „не се триела од синот“. „Ништо слично. Беше забавно. Не видов никакви мемиња, слушнав за нив, секако, но Викторија има одлична смисла за хумор“.











