Паразитот со кој е заразена речиси една третина од светската популација и понатаму ги изненадува научниците. Нова студија покажува дека во телото се крие на многу посложен начин отколку што досега се верувало, што би можело да објасни зошто е исклучително тешко целосно да се елиминира со терапија.
Истражувањето од Универзитетот Калифорнија во Риверсајд, објавено на 24 јануари во списанието „Nature Communications“, открива нови детали за паразитот Toxoplasma gondii, причинителот на токсоплазмоза.
Како луѓето се заразуваат со токсоплазмоза?
До инфекција најчесто доаѓа со консумирање недоволно термички обработено месо или преку контакт со контаминирана почва и измет од мачки.
Повеќето заразени лица немаат никакви симптоми, но паразитот, еднаш кога ќе влезе во телото, може да остане во него цел живот, пишува „Dnevnik.hr“.

Паразит кој се крие во мозокот и мускулите
"Toxoplasma gondii" се заштитува со создавање мали цисти, најчесто во мозокот и мускулите. Во секоја циста може да има стотици „заспани“ паразити кои со години мируваат.
Кај лица со ослабен имунитет овие паразити можат повторно да се активираат и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, како оштетување на мозокот или видот. Инфекцијата во текот на бременоста е особено опасна бидејќи може да го загрози развојот на фетусот.
Цистите не се „тивко засолниште“, туку активен центар
Научниците со децении сметале дека во секоја циста се наоѓа само еден неактивен тип паразит. Меѓутоа, благодарение на напредна анализа на поединечни клетки, истражувачите откриле дека секоја циста содржи повеќе различни типови паразити – и дека секој има своја улога.
Раководителката на истражувањето, проф. Ема Вилсон, истакнува:
„Откривме дека цистата не е само мирно засолниште, туку активно средиште со различни видови паразити задолжени за преживување, ширење и повторна активација.“

Зошто лековите не делуваат?
Цистите се формираат постепено, под притисок на имунолошкиот систем. Тие имаат цврста надворешна обвивка и се исполнети со бавнорастечки форми на паразитот наречени брадизоити. Цистите најчесто се наоѓаат во невроните, но и во срцевиот и скелетниот мускул, што објаснува зошто луѓето можат да се заразат со консумирање месо.
Откако ќе се формираат, цистите стануваат отпорни на сите постојни терапии и остануваат трајно во телото. Тековните лекови можат да го потиснат брзорастечкиот облик на паразитот, но не можат да ги уништат цистите.
Повторната активација може да биде многу опасна
Кога цистите „се будат“, бавните паразити преминуваат во брзорастечки облик – тахизоити – кои можат да се шират низ телото и да предизвикаат сериозни состојби како токсоплазматски енцефалитис или губење на видот поради оштетување на мрежницата.
Истражувачкиот тим во експеримент со глувци, кој верно ја имитира природната инфекција, открил дека во секоја циста има најмалку пет различни поттипови брадизоити.

Нова насока во лекувањето на токсоплазмоза
Животниот циклус на токсоплазмата долго време се сметал за премногу едноставен, како премин меѓу две фази, објаснува д-р Вилсон. Овие резултати покажуваат дека реалноста е многу посложена.
Со идентификување на различните типови паразити во цистите, научниците добиле појасна слика за тоа кои се најодговорни за повторната активација и оштетувањата. Тоа може да објасни зошто досегашните обиди за развој на лекови не биле успешни, но и да отвори врата за попрецизни терапии.
Посебен ризик во бременоста
Токсоплазмозата долго време се поврзува со компликации во бременоста, особено ако лицето првпат се зарази во тој период. Конгениталната инфекција и натаму претставува сериозен здравствен ризик.

Фокус на идните терапии
Д-р Вилсон заклучува дека ова истражување го менува начинот на кој гледаме на токсоплазматската циста:
„Таа всушност е централна контролна точка на животниот циклус на паразитот. Ако сакаме ефикасно да ја лекуваме токсоплазмозата, токму цистата е местото на кое мора да се фокусираме.“












