Виктор Апостоловски - гласот што го освои „Македонски идол“, сопруг и татко: „Нема поубаво чувство и подобра мотивација од тоа да има за кого да живееш и создаваш“

Точка

12/02/2026

10:47

837

Големина на фонт

а а а

Виктор Апостоловски е името кое публиката го запозна уште во деновите на „Македонски идол“, каде со својот препознатлив глас, харизма и емоција остави силен впечаток. Денес, години подоцна, тој е зрел музичар, пејач и текстописец кој внимателно ја гради својата кариера, но и својот приватен свет.

Во период кога доживува нова, можеби најубава животна улога – онаа на татко, Виктор за „Точка“ искрено зборува за музиката, инспирацијата, предизвиците на сцената, но и за среќниот брак и промените што ги носи родителството. Искрен, смирен и посветен, тој открива како денес гледа на успехот, љубовта и иднината.

❓ Поминаа години од „Македонски идол“, но публиката сè уште те памети – што прво ти поминува низ глава кога ќе се сетиш на тој период?

✨ Првото нешто што ми поминува низ глава е: „Зарем мене ми се случуваше сето тоа?!“, од оваа гледна точка - едноставно нереално. Сите тие снимања, настани, настапи, реклами, фанови, обезбедување 24/7, хаос на секој чекор. Буквално кога ќе помислам или раскажувам нешто од тој период, ми звучи како да раскажувам некој филм што сум го гледал некогаш. Неверојатно е колкав белег остави тоа шоу и сите учесници во него, штом и 15 години подоцна сѐ уште се памти и зборува.


❓ Тогаш многумина те споредуваа со Џастин Тимберлејк – ти годеше или те оптоваруваше таа етикета?

✨ Искрено, никогаш не сум сакал да бидам споредуван со никого! Особено тука кај нас, каде секоја етикета ти останува за цел живот. Арно ама, сите ние, особено како помлади, го рефлектираме тоа што го слушаме или доживуваме во моментот, пронаоѓајќи си го својот глас т.е. пат. Во тој период слушав и испеав еден тон други стилови и песни ама очигледно тоа беше тоа што најмногу „залепи“ за око на гледачите, па како и сите други пејачи кај нас и јас си добив дирекна споредба.

И кога нешто се спомнува нон-стоп, нормално е понекогаш да биде товар бидејќи делува како сѐ друго што правиш да е неважно, како само тоа да постои, ама на крајот на денот, се работи за еден одличен музичар, кој навистина го слушам и почитувам, така што нека споредуваат слободно!


❓ Денес си и пејач и текстописец – што ти е поблиско: да ја испееш емоцијата или прво да ја напишеш?

✨ Ретко кога пишувам мелодија без текст, значи обично емоцијата прво се претвора во збор, па додека се пишува зборот на хартија, во глава се создава мелодијата. Некако така се поврзани жичките природно. Тоа е нешто што често го правам, за лично задоволство и моментално емотивно олеснување, ама во никој случај не е толку силно, колку што е изведувањето на тие емоции! Значи пеењето е нешто што дојде природно пред пишувањето и е многу посилно како израз т.е. ослободува многу повеќе емоции.

За да претвориш емоција во збор треба прво да ја доживееш, значи треба веќе да си во чувствата за да ги пренесеш, а песната не те прашува дали си или не си емотивен, таа доаѓа и ги носи или враќа емоциите и потоа ги исфрла од тебе. Што значи двете ми се блиски бидејќи имаат различна функција, но пеењето е дефинитивно поемотивно.


❓ Дали има песна која ја имаш напишано, а која најмногу те „разголува“ како човек?

✨ Па реално, не знам дали има песна што не ме „разголува“ 😂. Обично ги пишувам според нешто што сум го доживеал некогаш или можеби видел и чул, па сум ја осетил емоцијата. Ама во глобала емоциите се мои, што значи сѐ што има мој белег има и дел од моите чусвства. Затоа и сите песни се различни стилски и тематски бидејќи сите се различна емоција, т.е. различен дел од мене.


❓ Во брак си со Милена – што најмногу цениш кај неа во улогата на партнер и сопатник низ животот?

✨ Сѐ! 😂 Значи буквално сѐ си ценам кај жената, ама пред сѐ родителите за нејзиното постоење! 😁 Шала на страна, јас не сум човек што туку-така би „рипнал во тавчето“, како што многу често се случува кај луѓето. Значи штом сме стигнале до таков убав момент, сигурно сум видел сѐ што сакам кај мојата партнерка. Најмногу од сѐ, ја ценам нејзината безусловна љубов, потоа позитивата и нескротливиот дух, нејзината поддршка и разбирање, а бога ми уште повисоко од сѐ на листата е тоа што ми донесе едно мало човече на овој свет! 


❓ Дали љубовта те направи подобар уметник – или уметноста подобар сопруг?

✨ Едното без другото - не оди! Љубовта буди чувства, а уметноста ги изразува т.е. пренесува понатаму, што значи без љубов - нема уметност и без уметност - нема љубов! 


❓ Неодамна стана татко - кој момент од родителството досега најсилно те погоди емотивно?

✨ Најсилната емоција ја доживеав во породилната сала! Моментот на неговото доаѓање е нешто што никогаш нема да го заборавам! Инаку, од тогаш до сега освен убавини, не ме погодило ништо друго. Уживам во секој момент, секое гушкање, насмевка, звук, буквално во сѐ! 


❓ Дали татковството ти го промени погледот кон животот?

✨ Дефинитивно! Инстантно се менуваат сите гледишта и приоритети! Кога си сам т.е. сте сами, најважно ви е да уживате, патувате, бркате кариери, соништа итн. Кога ќе дојде новиот живот во семејството, сѐ останато станува неважно и цел фокус се насочува кон правење подобар живот за детето! И нема поубаво чувство и подобра мотивација за живот од тоа да има за кого да живееш и создаваш!


❓ Која животна лекција најтешко си ја научил, но најмногу те изградила?

✨ „На волкот му е дебел вратот, оти сам си ја брка работата!“.

Цел век сите очекуваме дека другите ќе се грижат за работата исто како што се грижиме ние. Тоа ниту некогаш било, ниту е возможно да биде. Многу можат да го направат тоа што го правиш ама никој не може на твој начин, со истата грижа и љубов што ти ќе ја посветиш! И за тоа да се сфати треба време и храброст, ама во моментот кога ќе бидне - стануваш поинаква категорија на човек!


❓ Кое е твоето животно мото кога работите не одат според планот?

✨ Хакуна матата! 😁 Сѐ е според планот, дури и кога не е! Најважно од сѐ е ти да уживаш во процесот и да даваш сѐ од себе, сѐ останато ќе си дојде!


❓ Што би му порачал на младиот Виктор кој штотуку излегува на сцена пред цела Македонија?

✨ Само би му кимнал со главата. Си знае тој! 😁


❓ Што следно можеме да очекуваме од тебе – нова музика или нова животна фаза?

✨ Би рекол и двете! Има многу готови дела кои чекаат да најдам време „да им дотурам зачин и да ги сервирам“. Кога ќе биде тоа - ќе видиме. А новата животна фаза е веќе започната, така што останува да видиме што ќе каже животот!

✍️  Автор: М.Р.