Во рамките на престижниот глобален авијациски самит „Changi Aviation Summit 2026“, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски и генералниот директор на Управата за цивилно воздухопловство на Сингапур, Хан Кок Јуан, официјализираа нов, сеопфатен Меморандум за разбирање.
Овој чин, реализиран за време на посетата на Стојаноски како висок делегат на специјална покана од сингапурските власти, означува суштинско унапредување на билатералните односи и директно поврзување на македонскиот воздухопловен сектор со еден од водечките светски авијациски центри.
„Потпишувањето на овој стратешки документ, претставува директна валоризација на новите политики на менаџментот на АЦВ како за меѓународно етаблирање на институцијата така и за забрзување на темпото за што побрза примена на најновите безбедносни стандарди. Со овој чекор се отвора широка рамка за институционален развој преку напредна едукација и специјализирани програми за обука во Сингапурската воздухопловна академија (SAA), која важи за една од најреномираните во светот“, соопшти Министерството за транспорт.
Договорот предвидува директна размена на експертиза и примена на најдобри практики во делот на регулативата, безбедносниот надзор и лиценцирањето, со што македонските воздухопловни власти ќе ги хармонизираат своите капацитети со најстрогите глобални стандарди. Покрај едукативната компонента, Меморандумот има силен регионален и технолошки фокус. Соработката подразбира заедничка реализација на проекти кои не само што ќе го зајакнат домашниот сектор, туку имаат потенцијал да ја позиционираат Македонија како регионален лидер во примената на иновативни решенија во воздушниот сообраќај.
Ова партнерство, како што велат од Министерството, е јасен показател за решителноста на Агенцијата да ги следи и имплементира најсовремените технолошки трендови во меѓународното цивилно воздухопловство.
Во својата изјава, директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, истакна дека овој меморандум ја потврдува посветеноста кон примената на највисоките меѓународни стандарди на ICAO. Тој нагласи дека соработката со глобален лидер како Сингапур овозможува пристап до врвна експертиза со која дополнително ќе се подигне нивото на безбедност и ефикасност на македонското небо.












