Република Северна Македонија и годинава бележи 40 поени на Индексот за перцепција на корупцијата, што значи дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата, туку има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро, велат од Транспаренси интернешнл.
„Формално сме позиционирани четири места подобро на ранг-листата од минатата година 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро од 4 други држави“, се наведува во соопштението.
Од Транспаренси интернешнл велат дека клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнително, велат од таму, случувањата поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата сериозно ја нарушила довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата.
„Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и нивната содржина, која не само што не придонесе за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослаби. Исто така, се уште не се донесени и новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, едни од најважните закони во борбата против корупцијата“, се наведува во соопштението.
Според Транспаренси интернешнл, овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација. Според нив, борбата против корупцијата мора да се третира како врвен државен приоритет, а не како декларативна заложба.








