Левица: Усвоен предлог – законот со кој се укинува дискреционото право на директорите за вработувања во болниците

Макфакс

10/02/2026

12:59

141

Големина на фонт

а а а

На денешната седница, Собранието на Република Македонија, во прва фаза, го усвои Предлог-законот поднесен од Левица со кој се укинува дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработување, соопштија од Левица.

Според партијата, со оваа одлука, за првпат сериозно се нарушува долгогодишниот механизам на партиска контрола врз јавното здравство и се отвора пат кон систем заснован на знаење, стручност и професионални критериуми.

„Предложените законски измени ја затвораат правната празнина што со години ја легитимираше практиката на селективни и однапред договорени вработувања, дозволувајќи најквалитетните кандидати да бидат системски исклучувани. Наместо дискреционото право на директорот, сега воведуваме обврска за почитување на ранг-листите при секој јавен конкурс. Ова е суштински чекор кон департизација на јавното здравство и кон враќање на достоинството на медицинската професија. Државата конечно добива можност да го задржи најдоброто што го создава, наместо да го извезува поради неправда и клиентелизам“, велат од Левица.