Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона

Макфакс

09/02/2026

11:17

166

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.

„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.

Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.

На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.

Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.