Руската економија денес е во најслаба позиција од почетокот на војната, санкциите функционираат и не треба да се наседнува на лагите на Владимир Путин – така накратко би можел да се сумира текстот на Рејчел Ривс и Елизабет Свантесон, британската и шведската министерка за финансии, објавен во „Политико“.
Авторките на почетокот потсетуваат дека пред четири години Русија започна незаконска инвазија врз Украина, нарушувајќи го мирот во Европа и сериозно загрозувајќи ја глобалната безбедност. Оттогаш, пропагандниот апарат на Путин неуморно се обидува да ја убеди домашната и светската јавност дека руската економија е силна и отпорна на санкциите. Но сè поочигледно е дека официјалните бројки не ја одразуваат реалната состојба.
Извештајот што минатата година го нарача шведската влада предупреди на растечки нерамнотежи во руската економија, како и на веројатни манипулации со клучните показатели, како што се инфлацијата и реалниот раст на БДП.
Дополнителните разузнавачки информации дополнително потврдуваат дека руските власти свесно ги прикриваат вистинските податоци со цел да прикажат стабилност и отпорност кои во пракса не постојат.
Руската економија денес е во најслаба позиција од почетокот на војната, а трендовите укажуваат на дополнително влошување во текот на следната година. Огромните буџетски издвојувања за војната, кои ги диктира Кремљ, ја поттикнале инфлацијата и порастот на трошоците за живот.
Руските домаќинства сè потешко го поднесуваат товарот на поскапувањата, па многумина се принудени да штедат дури и на основните животни намирници. Истовремено, Путин се обидува да ја поткопа меѓународната поддршка за санкциите, пренагласувајќи ја силата на руската економија и укажувајќи на предизвиците во други држави со цел да го одвлече вниманието од проблемите дома.
Меѓутоа санкциите, сепак имаат конкретни ефекти. Приходите од енергетскиот сектор се намалиле за околу една третина по новите мерки насочени кон компании како Роснефт и Лукоил.

Европската унија постигна договор за целосна забрана на увозот на руски гас, додека Обединетото Кралство најави целосна забрана за поморски услуги поврзани со рускиот течен природен гас (LNG).
Следниот логичен чекор е проширување на забраните на целиот руски извоз на сирова нафта и рафинирани нафтени производи.
Со дополнително намалување на приходите, на Русија директно ѝ се ограничува способноста за финансирање на војната. Веќе сега значителен дел од рускиот Национален фонд за благосостојба — финансиска резерва наменета за пензискиот систем и инфраструктурни проекти — е потрошен за воени потреби. Руската влада престана да повлекува средства од фондот и сè повеќе се потпира на домашните банки кои купуваат државни обврзници, со што расте јавниот долг. Преостанатите средства во фондот не се доволни ни за покривање на планираниот буџетски дефицит во 2025 година.
Процените покажуваат дека Русија поради меѓународните санкции изгубила повеќе од 450 милијарди долари — износ што одговара на четиригодишно финансирање на војната. Иако тоа не значи дека колапсот е непосреден, јасно потврдува дека економскиот притисок делува. Токму затоа тој треба дополнително да се засили.
Обединетото Кралство затоа оваа недела го претстави најголемиот пакет санкции од раните месеци на инвазијата во 2022 година, насочен кон руските банки, ЛНГ-индустријата, како и кон меѓународните добавувачи што учествуваат во одржувањето на руската воена машинерија.
Истовремено, клучно е да се обезбеди Украина да има стабилна и долгорочна финансиска поддршка за одбраната и функционирањето на државата. Затоа е добра одлуката на Европскиот совет за одобрување заем од 90 милијарди евра, кој мора без одлагање да ѝ биде ставен на располагање на Украина. Континуираното европско единство е пресудно за приближување кон праведен и траен мир.

Со зајакнување на украинската позиција испраќаме јасна порака дека Русија не може да го исцрпи нејзиниот отпор ниту со чекање да ги оствари своите цели. Не смееме да дозволиме да нè заплашат заканите или реториката од Москва. Само со решителен и координиран притисок врз руската економија, како и со силна поддршка за Украина, можеме да создадеме услови во кои Русија ќе биде принудена да се откаже од нелегалната војна и сериозно да пристапи кон преговори за праведен и траен мир.
Обединетото Кралство и Шведска остануваат обединети и непоколебливи во својата поддршка за Украина, порачаа на крајот британската и шведската министерка за финансии.















