„NASA“ потврди дека роверот „Perseverance“ успешно ги завршил првите возења на Марс кои целосно биле испланирани од вештачка интелигенција, без човечка асистенција при трасирањето на патот.
Додека на Земјата сè уште се водат дебати за автономното возење во градски сообраќај, вештачката интелигенција токму положи „возачки испит“ во едно од најсуровите опкружувања во Сончевиот систем. Роверот „Perseverance“ на „NASA“ поминал речиси половина километар низ кратерот Езеро користејќи рути што самостојно ги генерирал АИ модел.
Досегашната практика, која траеше речиси три децении, подразбираше тимови инженери во Пасадена (JPL) со часови да анализираат орбитални снимки и рачно да ја исцртуваат секоја точка на движење за да се избегнат опасни карпи или длабок песок. Со оглед на тоа што на светлосниот сигнал му требаат и до 20 минути за да стигне до Марс, управување со „џојстик“ во реално време е физички невозможно.
Сепак, на 8 и 10 декември 2025 година „Perseverance“ добил слобода. Користејќи vision-language модели (VLM), кои „NASA“ ги разви во соработка со компанијата „Anthropic“, роверот самостојно го анализирал теренот и ги одредил оптималните патеки.
Пред "AI" да добие „клуч во раце“, инженерите на „NASA“ спровеле ригорозни симулации. Планираните рути прво биле тестирани на дигитален близнак (виртуелна реплика на роверот) на Земјата, каде што софтверот поминал повеќе од 500.000 телеметриски проверки за да се осигури дека вештачката интелигенција нема да ја доведе машината вредна милијарди долари во безизлезна ситуација.
„Ова е технологија што ги менува правилата на играта и која ни е потребна за воспоставување постојано присуство на Месечината и Марс“, изјави Мет Волас, менаџер во "JPL".
Со овој чекор, „NASA“ практично интегрираше „мозок“ сличен на оној што ги придвижува напредните четботови во навигацискиот систем на вселенската сонда, со што „Perseverance“ е претворен во најпаметното автономно возило надвор од планетата Земја.











