[ВИДЕО] Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“

Макфакс

08/02/2026

10:19

657

Големина на фонт

а а а

Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.

„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“

„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.

Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.

Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.

Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.

Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.

Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.

Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.

„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.

Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.

Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.