Браќа од Македонија „растураат“ со бурек во Сиднеј, рецептите ги приспособиле за Австралијците и сега се тотален хит

Точка

07/02/2026

18:07

4.105

Големина на фонт

а а а

На „Good Food Australia“ беше објавено дека „во Сиднеј постои навистина добра храна за која веројатно не сте слушнале“. Таму можеби многумина и не слушнале за тоа, но всушност станува збор за храна многу добро позната на нашите простори – бурек!

Браќата Никола и Јован Радевски секое утро печат неколку видови солени и слатки буреци по рецептот на нивниот прадедо Македонец и ги продаваат во својот локал во Рокдејл.



Во Сиднеј многумина не знаат што е бурек. Таму им се познати гирото и ѓозлемето, но и понатаму влегуваат и прашуваат што е тоа бурек, вели Јован Радевски.

„Good Food Australia“ пишува дека бурекот на браќата Радевски е една од најпотценетите храни во Сиднеј. Тестото го полнат со свежа рикота и фета-сирење, а оној со месо е зачинет со мешавина од мелено говедско месо и карамелизиран кромид. Вкупно прават седум видови бурек.


Во Сиднеј многумина не знаат за бурек, но браќата Радевски пораснале со бурек. Нивниот прадедо Божин Радевски го произведувал, а нивниот татко Ристо Радевски ја продолжил таа традиција во ресторанот за брза храна „Pella Burek“ во Рокдејл.

„Го јадевме секој ден, а татко ни нѐ научи како се прави“, вели Јован, чиј татко во 2011 година го затворил тој ресторан.

Иако тој студирал трговија, а Никола бил воздухопловен инженер, не престанале да размислуваат за бурекот. Во 2018 година изнајмиле простор, го реновирале и поставиле маси за 15 луѓе.


„Моравме да ја продолжиме семејната традиција“, вели Радевски. Целта им била да ја запознаат пошироката заедница во Сиднеј со бурекот, а за да го постигнат тоа, некои работи ги прават поинаку. Тестото е полесно, со сончогледово масло наместо со свинска маст. Се приспособуваат и на прехранбените ограничувања, па бурекот од компир и праз е целосно од растително потекло, но доволно вкусен за да импресионира секого. Состојките ги набавуваат локално, а месото од либански месар или директно од добавувачи во Македонија.

Во август браќата купиле машини за пастеризација и конзервирање за да почнат со производство на сопствена матеница, што се покажало како хит меѓу купувачите. Продаваат и до 400 лименки матеница неделно.

Бурек прават секојдневно, а често и по нарачка.