„Не мора да се уништи зеленилото за БРТ“ – Зелен хуман град со порака до властите

Макфакс

06/02/2026

14:39

251

Големина на фонт

а а а

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагира на изјавата на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, во која тој посочил дека проектот за воведување на брз автобуски превоз (БРТ), финансиран со кредит од 70 милиони евра од ЕБОР, мора да се продолжи како решение.

Од иницијативата нагласуваат дека не е точно оти проектот мора да се изведе по постојниот план кој предвидува уништување на 7.000 дрвја и грмушки, посебно имајќи предвид дека Скопје е еден од најзагадените градови во светот.

„Истата банка ЕБОР во минатото сакаше да даде кредит на МК и за изведба на експресен пат сред национален парк Галичица со што ќе се дозволеше уништување на паркот и благодарение на Охрид SOS, тој девастирачки проект се запре. Сега пак ни се заканува уништување на белите дробови на Скопје кое мора да го спречиме!“, велат од „Зелен хуман град“.

Од таму посочуваат дека БРТ може да се изведе многу поедноставно и поевтино, со издвојување на постоечка десна лента за автобуси, без да се наруши средишното зеленило, со што ќе се избегне и блокирање на градот со години.

Дополнително, активистите предупредуваат дека токму под зеленилото што е предвидено за отстранување поминува главната водоводна цевка која го снабдува Скопје со вода за пиење од изворот Рашче – објект од, како што велат, непроценливо економско и стратешко значење.

„Тоа не смее да биде ставено во ризик за ничиј личен каприц, особено кога постојат алтернативи што го постигнуваат истото без штета“, порачуваат од иницијативата.