Дурмиши: Повремените и сезонски работници добиваат законска заштита

Макфакс

03/02/2026

13:21

130

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.

„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.

Министерството за економија и труд, како што појаснуваат од таму, досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, како што велат, е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.

Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.

Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.

„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.

Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.