На денешното рочиште за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, 25-годишниот Петар Марковски, кој вечерта кога се случи пожарот од клубот излегол со повреди на дишните патишта, сведочеше дека вратата кај бината служела преку неа да излезат малолетници во случај на полициска рација.
Неколкумина сведоци на минатите рочишта кажаа дека освен вратата преку која влегле во клубот, постои уште една, но за разлика од досегашните сведоци кои кажуваа само дека никогаш не виделе дека некој ја користи, Марковски на прашање на обвинителот одговори дека слушнал оти таа служела како излез за малолетниците при полициските рации, но вечерта не видел дека некој ја користи.
Марковски со неколкумина другари во клубот дошол во 12.45 часот за настапот на ДНК. И тој, како и неколкумина сведоци на претходните рочишта, кажа дека купил билет за кој не добил фискална сметка. Не му побарале лична карта оти се познавал со луѓето кои стоеле на врата, проверувале лични карти и ставале печати на рацете на оние што имаат билети за вечерта. И тој потврди дека во клубот вечерта имало малолетници.

Марковски, кој во „Пулс“ доаѓал откога наполнил 18 години, кажа дека и претходно се користела пиротехника во клубот, а кобната вечер таванот се запалил од прскалките.
„Кога се вклучија прскалките, мислам дека беше околу 02.30 часот, почна да гори плафонот. Настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот, а пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше од сунѓер“, рече сведокот Марковски, а на прашање од судијката Диана Груевска- Илиевска како знаел дека е од сунѓер, одговори дека сунѓерот се гледал.
Во обидот за излезе од клубот го зафатило стампедото и паднал во бесознание од чадот, а кога дошол при свест врз него имало тројца луѓе. За да се извлече морал да ги соблече патиките. До утрото помагал во болницата, а состојбата му се влошила следниот ден, кога бил префрлен во болница и паднал во кома. Се лекувал во Словенија, но се уште чувствува последици оти, како што рече, има намален капацитет на дишење.
Марковски кажа дека за време на пожарот забележал како сопственикот Дејан Јованов – Деко се обидува со противпожарен апарат да го изгасне огнот на бината.

По него сведочеше шанкерот во „Пулс“, Дејан Манасиев. Тој 11 години работел во клубот непријавен, од 2012 година до 2023 година кога потпишал договор за работа, но на половина работно време. Манасиев не видел кој ги внел прскалките и кој ги запалил, но кажа дека кога претходно се користела пиротехника, доаѓал човек со бела коса од Скопје кој ја поставувал, а кобната вечер не го забележал во клубот.
Манасиев сведочеше дека во објектот имало план за евакуација кој бил поставен во ходникот.












