Во секој град бездомните кучиња се дел од секојдневието, а многу од нив поминуваат месеци, па дури и години, без вистински дом, љубов и внимание какви што заслужуваат.
Тие секојдневно чекаат на семејство кое ќе им покаже дека светот надвор од ѕидовите на азилот е полн со радост и топлина. Но, за многу од нив дури и еден ден внимание и прошетка може да значи сè – првиот чекор кон доверба, среќа и можност за вдомување.
Февруари, месецот на љубовта, е идеална прилика да се покаже грижа за овие крзнени пријатели, а по тој повод ЈП Лајка отпочна иницијатива наречена „Биди мојот Валентајн на еден ден“.
Биди пријател, сопатник и покажи ми го светот надвор од кафезите, барем накратко. Нашите кучиња со месеци, а некои и со години, немаат излезено надвор од ѕидовите на ЈП Лајка.
Дали сакаш токму ти да бидеш оној што ќе им покаже дека постои и поинаков свет? Одбери куче и ќе биде твое на цел еден ден.
Прошетка, парк, кафе-пауза, или мало частење во локален пет-шоп, изборот е твој, а радоста е нивна.
Понекогаш, доволен е еден ден љубов за да се промени сè. Можеби токму ти ќе бидеш причината за нивното вдомување“, стои во објавата на ЈП Лајка.








