Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица

Макфакс

29/01/2026

16:12

140

Големина на фонт

а а а

Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија Андоновска вели дека се уште е рано да се каже дека сме го поминале пикот и остануваат препораките оние кои сакаат да се заштитат да носат маска во затворени простории во кои има повеќе луѓе.

„Во текот на четвртата недела од 2026 година што го опфаќа периодот меѓу 19 и 21 јануари, во Македонија се пријавени 1708 случаи за заболени од грип и заболувања слични на грип што е за 17,2 % помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата оваа недела минатата сезона е намален за девет проценти, а во споредба со петнаесетте изминати сезони е намален за 33,4%. Како што забележувате споредено и со минатата недела, но и со истата оваа недела во минатата сезона бројот е намален“, рече директорката Андоновска.

Во однос на возрасната дистрибуција 1029 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 253 лица се на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст меѓу 5 и 14 години, 183 се деца на возраст меѓу 0 и 4 години што укажува дека највисоката инциденца се регистрира на возраст меѓу 0 и 14 години.

Во Дебар и Кратово се бележи многу висока активност. Во Охрид, Кавадарци и Струмица има висока активност, средна активност има во девет градови, во 12 се бележи сезонска активност додека во два града се бележи многу ниска активност.

„Според податоците што ги имаме, во моментов, во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Остануваат и понатака да важат нашите препораки што ги даваме за лицата да се заштитат, да избегнуваат простории каде што има повеќе лица, а доколку е неопходно да бидат во вакви простории да носат маска. Посебно да водат сметка ранливите категории, лицата над 65 години, лицата со хронични болести, децата и трудниците посебно да внимаваат на сопственото здравје. Доколку имаат каков било сомнеж дека некое лица е заболено или покажува симптоми да се избегнуваат контакти со него. Оние кои веќе се дијагностицирани или имаат грип, да останат дома, децата да не се носат во училиште доколку покажуваат симптоми со цел да закрепнат побрзо и да немаме трансмисија на вирусот“, вели директорката Андоновска.

Нејзината препорака за болните и за оние кои сметаат дека имаат симптоми е да останат дома и да ги следат советите од матичните лекари.

Намалувањето на бројките втора недела по ред директорката Андоновска вели дека не значи дека сме го поминале пикот.

„Што се однесува до пикот, забележливо е дека имаме два недели намалување на бројките, но се уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Може ова да е првиот, можеби е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново растење на бројките“, рече директорката Андоновска и нагласи дека Институтот ќе продолжи да ја следи состојбата.

Оваа сезона Институтот за јавно здравје регистрираше три смртни случаи на заболени со грип.