Пет работнички во понеделникот загинаа во експлозија што избувна поради истекување гас во фабриката за бисквити „Violanta“ во Грција. Вработените со месеци повремено чувствувале вознемирувачки мирис на гас во производните погони и за тоа ги известувале своите претпоставени, се наведува во изјавите дадени пред службениците на Дирекцијата за борба против подметнување пожари (DAEE).
Според информации од добро упатени извори, работниците се сомневале на истекување гас во цевките, а мирисот се појавувал повремено — понекогаш поинтензивно, а понекогаш послабо.
И самиот сопственик на компанијата, според сопствената изјава, за време на престојот во објектот почувствувал необичен мирис, но мислел дека потекнува од канализацијата.
Раководителот на смена, кој во меѓувреме е уапсен, во изјава во полиција рекол дека работниците го известиле за мирисот и дека тој ја пренел информацијата до раководителот на производството. Третото уапсено лице, техничар за заштита при работа, изјавил дека не знаел за мирисот бидејќи никој не го известил.

Пропан истекувал со месеци
Како што утврдила деталната истрага на Противпожарната служба, причината за експлозијата било долготрајно истекување на пропан. Гасот со текот на времето се наталожил во подрумот на објектот, а искра предизвикала силна експлозија во која животот го загубиле пет работнички.
Инспекторите сега утврдуваат дали компанијата ги презела сите со закон пропишани мерки за безбедност. Прашањето за постоењето и исправноста на сензорите за детекција на гас во приземјето сè уште не е разјаснето, бидејќи објектот е целосно уништен.

Извори запознаени со случајот наведуваат дека зградата претходно имала детектори, но дека тие во овој конкретен случај веројатно не би реагирале, бидејќи гасот не се појавил одеднаш, туку мирисот се ширел од подрумот или низ одводите во недоволна концентрација за да се активира алармот.
Во подрумот, кој според достапните податоци не бил легален и во кој немало детектори, пропанот непречено се акумулирал. Според сведочењата на работниците, просторот бил користен како магацин и во него се наоѓала водена пумпа, а сопственикот неодамна се обидел да го реновира.

Три прашања без одговор
Една од можните причини за истекувањето на гасот се поврзува со работите на асфалтирање на патот што во текот на летото се изведувале над пропанските цевки. Според резултатите од истрагата, поминувањето на тешки возила можело да предизвика оштетувања на подземните инсталации. Пропанот се транспортирал од резервоар преку цевки што минувале под патот и влегувале директно во бетонскиот дел од објектот.
По апсењето на сопственикот на фирмата и двајца раководители, надлежните органи продолжуваат да собираат докази и да подготвуваат обвинение за утврдување на одговорноста.

Инспекторите моментално се фокусираат на три клучни прашања: зошто корозијата на цевките не била навреме откриена, зошто предупредувањата на вработените за мирисот на гас биле игнорирани и какви безбедносни контроли биле спроведувани, како и на кој начин биле документирани и заверени.
Посебно значење во наредната фаза од истрагата ќе имаат податоците од Книгата за противпожарна безбедност, во која треба да бидат евидентирани сите работи, забележаните проблеми и мерките што раководството ги преземало.

Едно од клучните нерешени прашања останува и времето на настанување на корозијата. Според наводите на стручни извори, корозијата е долготраен процес кој не настанува во краток временски период, што го отвора прашањето како можела да се развива без да биде забележана за време на редовните контроли.
















