Интер се дистанцираше на пет бода од Милан кој во овој момент изгледа како најсериозен ривал за титулата во Серија А, но според Фабио Капело, главна цел за „росонерите“ до крајот на сезоната треба да остане обезбедување на топ четири пласман, а не битка за Скудетото.
Легендарниот стручњак смета дека Интер има подобар тим и далеку подобри ресурси да мине прв низ целта, но во своето обраќање, ја посочи и „ахиловата пета“ која ја има актуелниот тим кој го предводи Масимилијано Алегри.
Иако Милан не знае за пораз од првото коло, тимот делува доста неинвентивно кога треба да напаѓа тимови кои се бранат со сите играчи во својата половина, но Капело гледа проблеми и во директните дуели против ривалите како што беше оној со Рома.
„Волчицата“ целосно го надигра Милан во дербито кое заврши со нерешен резултат 1:1, а Капело вели дека најголем проблем за Алегри се напаѓачите кои не постигнуваат доволно голови, но и кои не помагаат во фаза на одбрана.
– Лично гледано, за мене Милан во овој момент е многу пасивен тим, тим кој е целосна контраст од оној на Интер кој секогаш гледа работите да зависат од него.
– Милан има една голема слабост, а тоа е офанзивниот дел од тимот. Напаѓачки гледано се солидни, но кога треба да се бранат, двајцата напаѓачи на Милан не даваат никаква поддршка за тимот. Леао и Лукаку не помагаат во одбрана, но тоа не го прават ниту Филкруг и Пулишич. Милан е тим кој се уште е во фаза на конструкција, но мора да има јасна цел, а тоа е влез во топ четири. Место во Лигата на шампионите е обврска, иако многумина го гледаат тимот и уште погоре, – вели Капело.








