СДС во текот на седумгодишното владеење не функционирала како политичка партија, туку како мрежа на поединци кои ги користеле институциите за остварување лични бизнис интереси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кај Венко Филипче може да се забележи целосно отсуство на било каква загриженост за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“ и обидите преку финансиски притисоци, уцени и спогодби да се изврши преземање на болницата, со ветувања за влијание врз судски постапки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, на сопственикот на болницата му било сугерирано дека ќе биде ослободен од обвиненијата во судскиот процес што тогаш се водел против него, доколку Филипче ја преземе болницата на, како што наведуваат, „легален начин“, со оглед на тоа што значителен дел од буџетските средства завршувале токму таму, што, според ВМРО-ДПМНЕ, можеби било подготвувано како иден профитабилен бизнис.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека доколку Филипче навистина се грижел за интересите на граѓаните и за ресорот кој го водел, немало да се случат скандалите со Онкологија, модуларната болница во Тетово, недостигот на вакцини за време на ковид-пандемијата, како и низа други афери со кои, како што велат, тој е директно поврзан.
„Кога станува збор за влијанијата во судските постапки, имајќи предвид дека мрежата на Заев како тогашен премиер беше целосно инсталирана во судството, логично е да се постави прашањето колку случаи не завршиле со пресуда согласно законот, туку со амин од Заев“, велат од партијата, додавајќи дека токму тоа можеби е причината зошто ниту еден функционер на СДС не се плаши од истраги и одговорност.
Во соопштението се наведува и дека за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“, за кој јавно говорел и сопственикот на национална телевизија, Филипче нема одговор, но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, на партискиот конгрес се обидел да спинува сè што актуелната власт прави и да се претстави како спасител, иако токму тој е, според нив, причината за состојбата во која се наоѓа здравството.
„Јавното обвинителство има обврска да ги испита сите индиции за изнуда и сомнежите за криминал и злоупотреба на службената положба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.












