Колку реално вреди еден работен час во Македонија е прашање што звучи едноставно, ама кога ќе почнеш да го поставуваш – станува непријатно. Затоа што бројките на хартија и животот на терен ретко се гледаат во очи.
Официјално, со минимална плата што се движи околу 400 евра, ако се земе стандарден фонд од околу 174 работни часа месечно, излегува дека еден работен час вреди нешто над 130 денари.
„Формално може да пресметаме колку чини часот, но суштината е колку живот купува тој час“, велат познавачи на пазарот на трудот.
Затоа што истиот тој час, во продавница, во магацин, во фабрика или зад шалтер, не троши само време. Троши енергија, нерви, здравје. А често и достоинство, иако тоа не влегува во статистика.
Проблемот дополнително се заматува кога ќе се земе предвид дека работниот ден ретко завршува точно по осум часа.
Прекувремената работа често е „подразбирачка“, а платена – селективно. Има сектори каде што дополнителните часови никогаш не се евидентираат, а има и такви каде што формално се водат, ама исплатата доцни или се „пегла“ со слободен ден што никогаш не доаѓа. Во такви услови, реалната вредност на еден час паѓа под психолошката граница – и тоа не е претерување.

Експерти за социјална политика предупредуваат дека кај нас се создаде извртен систем: платата се смета како награда за присуство, а не за продуктивност.
„Човек може да биде на работа девет или десет часа, а ефективно да му се платени седум. Разликата не се гледа, ама се чувствува“, велат тие.
Особено на крајот на месецот, кога сметките не прашуваат колку си бил мотивиран, туку колку имаш на располагање.
Ако се спореди со трошоците за живот, сликата станува уште поостра. Еден час работа, вреден околу 130–150 денари, денес не покрива ниту кафе и сендвич во центарот на градот. Не покрива ниту половина оброк, а камоли дел од кирија, струја или греење.
Аналитичари велат дека токму тука е клучниот проблем – не во висината на платата како број, туку во нејзината куповна моќ. Затоа што ако еден час труд не може да купи ни основна дневна потреба, тогаш нешто е длабоко искривено.
Посебна приказна е разликата меѓу сектори. Во ИТ, финансии или специјализирани услуги, еден работен час може да вреди десетпати повеќе отколку во трговија, угостителство или текстил.

Тоа создава парадоксална состојба: двајца луѓе работат исто долго, под исто сонце, со ист замор на крајот од денот – ама нивниот час нема иста тежина.
„Пазарот не ги вреднува сите часови подеднакво, туку ги вреднува позициите“, објаснуваат познавачи на економските текови. А позициите, пак, не се подеднакво достапни за сите.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.
















