Во срцето на Скопје, кај Битпазар, сведоци сме на значајна интервенција на постоечка станбена зграда со изградба на два дополнителни спрата над оригиналниот кров.
Доградбата врз доградба на станбена зграда во скопски Битпазар е дивоградба, утврдиле општинските инспектори по извршен вонреден инспекциски надзор. По проверка во општинската евиденција било констатирано дека објектот нема ниту одобрение за градба, ниту одобрение за доградба.
Од Општина Чаир информираат дека надзорот бил спроведен во петокот, на 16 јануари 2026 година, но на самата локација не било затекнато ниту едно лице, а засега е непознато кој врши доградба на цел нов кат врз зградата.
„При извршениот инспекциски надзор е утврдена изградба на надградба, а на локацијата не е затекнато ниту едно лице. Поради обезбедување дополнителна документација и докази, постапката е во тек за разјаснување на околностите“, соопштуваат од Општина Чаир.
Зградата, која предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, се наоѓа во тесните улички меѓу Битпазар и Старата чаршија. Станува збор за трикатна станбена зграда со поткровје покриено со црвен лим, врз кое подоцна е изграден уште еден кат, а во моментов се гради и нов, пренесува „Телма“.

Податоците од Катастарот покажуваат дека имотни листови постојат само до старото поткровје, додека за веќе изградената доградба нема никаква евиденција.
Според информации на Телма, зградата била изградена пред повеќе од 15 години од турски инвеститор, кој ги продал становите и ја напуштил земјата. Во тоа време, објектот бил изграден само до нивото на поткровје.
Искуството покажува дека дури и кога ќе се донесе решение за уривање, постапките често се одолговлекуваат со години по судските институции. Доколку инвеститорот или сопственикот е непознат, постапката оди побрзо преку јавен повик во медиумите, по што може да следи решение за уривање. Но, ако се појави сопственик, тој има право на жалба и користење редовни и вонредни правни лекови.

„Е сега што се случува. Иако во решението за отстранување пишува дека жалбата не го одлага извршувањето, градежните инспектори пожелно е да го причекаат исходот од користењето на сите тие редовни и вонредни правни лекови со цел да не се случи некој од тие органи да го поништат решението на градежниот инспектор, па ако објектот е урнат да се доведе до тоа државата или општината да плаќаат пенали на субјектот на надзор, односно да го урнат објектот иако е нелегално изграден, и да платат оштета, која често знае да биде дебела“, вели Златко Бојаџиев, претседател на Здружението на градежни инспектори.
Тој посочува дека ваквите законски процедури често се злоупотребуваат од страна на инвеститорите, поради што Здружението со години бара измени на законската регулатива. Според него, дури и најочигледните дивоградби можат да останат неурнати со години.















