Она што започна како рутинска мисија на Военото воздухопловство на САД се претвори во еден од најсериозните нуклеарни инциденти од Студената војна.
Пред речиси 60 години, бомбардерот B-52G полета од базата Платсбург во сојузната држава Њујорк, со задача да кружи на висина од 10.600 метри над базата Туле на Гренланд и да го надгледува системот за рано предупредување од балистички ракети.

Пад на авионот со четири бомби
Со седумчлен екипаж, огромниот авион се наоѓал над Гренланд кога избувнал пожар што ги уништил електричните системи. Пилотот воспоставил радио-врска со базата Туле, но густиот црн чад ја исполнил кабината и го оневозможил принудното слетување на пистата.
Екипажот се катапултирал, додека бомбардерот останал без контрола. Точно во 15:39 часот по локално време, на 21 јануари 1968 година, B-52G се урнал, при што се активирале конвенционалните експлозиви кои се составен дел од четирите термонуклеарни бомби што ги носела леталото.
Иако безбедносните системи спречиле нуклеарна детонација, радиоактивниот материјал бил разнесен на километри по ледената површина. Еден член од екипажот го загубил животот.

„Масивната зграда се затресе“
Сведок на катастрофата бил и Џефри Карсвел, работник во данска компанија, кој во тој момент се наоѓал во базата Туле.
„Масивната зграда се затресе како да станува збор за земјотрес“, изјавил тој.
Инцидентот ги затегнал односите меѓу САД и Данска, која од 1957 година спроведувала политика на забрана на нуклеарно оружје на својата територија и во своите територијални поседи, пренесува „Daily Mail“.

Сите се упатиле кон местото на несреќата
Американското воено воздухопловство активирало специјализиран тим за управување со катастрофи во рок од неколку часа, откако Данска побарала целиот материјал да биде отстранет од местото на несреќата.
Сите се упатиле кон местото на падот на бомбардерот, преку замрзнатиот залив, подигајќи импровизирани објекти и станици за деконтаминација. Операцијата за чистење се одвивала без прекин.
Ударот на авионот го пробил мразот и расфрлал радиоактивен плутониум, ураниум, америциум и тритиум низ целото подрачје. На одредени места, нивото на контаминација достигнало екстремни вредности. Научниците стравувале дека радиоактивното гориво би можело да излезе на површината при топењето на мразот и потоа да се прошири долж брегот на Гренланд.

Масовна операција за чистење
Воздухопловците го пребарувале замрзнатиот залив, собирајќи сè – од искривени делови од леталото до ситен отпад. Работниците отстранувале слоеви контаминиран мраз со дебелина од неколку сантиметри, додека бродовите пренеле повеќе од половина милион галони радиоактивен отпад назад во САД.
Масовната операција за чистење, во која биле отстранети околу 90 проценти од плутониумот, завршила на 13 септември 1968 година, по цена од 9,4 милиони долари, што денес би изнесувало околу 90 милиони долари.
Доверлив извештај од јули 1968 година открива дека повеќето делови од бомбите биле пронајдени, вклучувајќи речиси целиот ураниум од оружјето. Сепак, еден фузиски дел – одговорен за разорната моќ на водородната бомба – никогаш не бил пронајден.

Политички скандал
Данските и американските официјални лица првично го претставувале инцидентот како изолирана вонредна ситуација, но подоцна декласифицираните документи покажале дека реалноста била поинаква – летовите со нуклеарно оружје над Гренланд биле повторувани.
Вистината била криена со децении, сè додека истрагата од 1995 година не го покренала политичкиот скандал познат како „Tulegate“, кој предизвикал силен јавен револт, заклучува „Daily Mail“.
















