Вучиќ: Отсега па натаму, историјата ќе се пишува поинаку

Макфакс

22/01/2026

07:48

1.894

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера, на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, изјави дека е сигурно дека Европа и САД повеќе нема да дејствуваат заедно по сите прашања, како што беше случај досега, и дека во одредени ситуации ќе дејствуваат одделно.

Во изјава за Радио-телевизија Србија (РТС), Вучиќ рече дека е можно и дека во некои околности САД и Европа ќе бидат спротивставени едни на други, нагласувајќи дека е важно што поскоро да се разбере оваа реалност.

„Ова е важна лекција за нас и мора да ја разбереме што поскоро, бидејќи до вчера имавме иста група луѓе кои беа проамерикански или прозападно ориентирани, а во исто време и проевропски. Сега работите ќе бидат поинакви“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека е убеден дека „едно историско поглавје е затворено“ и дека од сега па натаму историјата ќе се пишува на поинаков начин.

Коментирајќи ги пораките за Гренланд, Вучиќ рече дека, и покрај дипломатските формулации, она што е кажано не може едноставно да се толкува, додавајќи дека Србија не треба да влегува во такви дискусии.

Вучиќ, исто така, оцени дека Европа во иднина се соочува со бројни, воопшто не лесни чекори, кои ќе бараат сериозни одлуки и прилагодувања.