За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.








