Деспотовски: Доста ни е од лагите на сегашното раководство на СДСМ, барам јавно извинување

Макфакс

22/01/2026

09:40

287

Големина на фонт

а а а

Јован Деспотовски побара јавно озвинување од СДСМ за упатените навреди кон него и вели дека единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата.

„Мене но и на секој социјалдемократ кој се вградил во темелите на најстарата партија во Македонија, ни е доста од лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ. Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функциониери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв“, вели Деспотовски.

Според него, никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата.

„Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните. Ова што се случува одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата. Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Партија што низ децениите ја градеа илјадници другари, кои сигурно не сонувале дека нашата СДСМ ќе води дневна борба со медиуми и медиумски работници“, вели Деспотовски.

Тој додава дека отворањето на внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување.

Деспотовски, исто така, побара и јавно извинување од СДСМ.

„Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ“, вели Деспотовски и додава дека никој нема право со валкани игри да руши нешто што е создавано со жртва, верба и идеали.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во декември лани побара исклучување на Деспотовски од партијата, обвинувајќи го за дејствување против интересите на СДСМ и за, како што наведуваат, соработка со политички структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.