Според светско истражување за менталната благосостојба на луѓето од 2024 година, Узбекистан е прогласен за најнесреќна земја на планетата. Јутјуберот Вендал го имал тоа на ум кога се упатил кон узбекистанската престолнина Ташкент, за да дознае како е всушност да се живее во „единствената земја за која се вели дека е подепресивна и од Британија“.
Она што всушност го открил била просперитетна заедница со весело, оптимистично расположение кон животот и апсолутна опседнатост со европски фудбал. Исто така, постоел веднаш забележлив контраст во однос на луѓето кои ги сретнал претходно на своите патувања.
Од Британија нема директни летови за Узбекистан, па патувањето на Вендал од 6.200 километри вклучувало и престој во Турција, каде уживал во пиво од 12 фунти (приближно 14 евра) во 5 наутро. Цените, сепак, се многу поразумни во Ташкент.
Неговиот хотел од 60 фунти (околу 70 евра) по ноќевање бил навистина луксузен во споредба со сместувањето дома, и забележал дека не се штеди на луксузот, како што би се очекувало од нација која поминала 67 години како дел од СССР, пренесува „Express.co.uk“.
„Во последните години полека, внимателно се отвора повторно кон светот“, вели Вендал. „На површината, ова изгледа како нација во голем подем, сега отворена за туризам и бизнис како никогаш порано.“
Секако, постои став кон животот каков што не би го нашле во Велика Британија, ниту во голем дел од остатокот на западниот свет. Во градскиот парк има штандови каде жителите можат да вежбаат гаѓање со стрела, а тезгата на пазарот во Ташкент продава елегантно изработени ножеви кои дефинитивно не би биле добредојдени на улиците во британските градови.

И, на негово големо изненадување, мнозинството жители биле повеќе од среќни што се снимени пред камерите.
Узбекистан многу се променил во последните 10 години, му објасниле жителите: „Може да се каже дека се промени многу кога станува збор за образование, политика и слобода. Нема војна. Мирно е.“
Иако платите биле ниски во непосредната постсоветска ера, сега се во пораст, и многу Узбекистанци кои заминувале во странство во потрага по подобар живот се враќаат дома.
Системот на метро во Ташкент е многу почист – и архитектонски поинтересен – од лондонското метро, смета Вендал, а цените на билетите се далеку пониски.
На уличните пазари можете да купите и реплика на дрес на Реал Мадрид по многу ниска цена. И додека малку жители зборуваат англиски, тие со задоволство ќе ги извикуваат имињата на големите европски фудбалски клубови, обидувајќи се да воспостават некаква врска со турист кој не зборува узбекистански.

Додека купувате на градските улични пазари, цените можат на почеток да изгледаат прилично алармантно поради курсот — еден узбекистански сом е еквивалентен на 0,000062 фунти. Едноставна полнета лепиња може да чини 5.000 сом, што е околу 30 пени.
За малку повеќе пари, можете да добиете чинија пилав, која е позната како национално јадење на Узбекистан. На Вендал не му се допаднала многу, но тешко е да се жали на тие цени.

На крајот, Вендал бил воодушевен од своето патување во „најсиромашната земја на светот“. „Наводно, ова е најсиромашна, најдепресивна земја на светот — единствената земја депресивна повеќе од Велика Британија. Па, запознав некои прекрасни луѓе. Ме дочекаа само насмевки, гостопримство и добредојде што никогаш нема да го заборавам“, заклучил тој.












