Мохамед Бзик (72) повеќе од 30 години го посветува својот живот на прифаќање деца во згрижувачко семејство. Повеќе од 80 деца го пронашле своето засолниште токму во неговиот дом во Лос Анџелес. Овој поранешен имигрант од Либија го посветил својот живот на грижата за деца кои боледуваат од неизлечиви болести и кои немаат никој друг што би се грижел за нив во последните недели од нивниот живот.
Пред повеќе од 40 години, Бзик пристигнал во САД за да студира електронско инженерство. Се оженил со својата сега покојна сопруга и станал државјанин во 1997 година. Денес, како вдовец, живее во Лос Анџелес, каде што е еден од ретките згрижувачи кои се грижат исклучиво за деца со неизлечиви болести. Неговата приказна доспеа на насловните страници во 2017 година, кога „Los Angeles Times“ објави сторија за неговата работа.
Тој ја добил Меѓународната награда за добротворност од страна на Фондацијата Дијанет, а неговиот живот е преточен во документарен филм во режија на Енсар Алтај.
Како започнало сè
„Во 1995 година решивме да посвоиме сирачиња оставени во болници или одземени од нивните семејства од страна на државата поради семејно насилство или занемарување“, објасни Бзик, кој бил маратонец пред да дојде во Америка.
Единствениот дом во Лос Анџелес што прима сирачиња и деца чии животни денови поради болест се избројани е токму неговиот дом. Таму, од 1989 година, своето засолниште го пронашле 80 деца. „Десетина деца го загубија животот токму во моите раце“, се присети тој.

„Повеќето деца немаат ни имиња“
Социјалната служба во Лос Анџелес тесно соработува со Бзик.
„Тие знаат кога децата ќе починат и прашуваат дали можам да ги посвојам. Знаат дека не се двоумам да ги прифатам. Ако не се согласам, ги испраќаат во болници, а тоа значи дека децата нема да имаат семејство ниту дом. Меѓутоа, кога ќе ги земам кај мене, тие барем чувствуваат семејна атмосфера. Се чувствуваат безбедно и сакано до крајот на својот живот“.
Во многу случаи, тој им дава имиња на децата, како и засолниште и љубов.
„Се раѓаат во болница и ги оставаат. Повеќето семејства не им даваат ни имиња. Само пишува момче или девојче, па јас им давам имиња“.
Софи Кифер, која работи на одделот за педијатриска палијативна нега, еднаш се сретнала со Мохамед и пишувала за своето искуство за Меѓународната мрежа за палијативна нега на деца.

„Неговата посвоена ќерка беше потпрена на каучот. Кога Мохамед дојде да го придржи ова малечко, кревко девојче, ме предупреди дека повремено има напади и дека, ако дојде до напад, само треба да ја држам и дека брзо ќе помине. Бев восхитена од тоа колку разговорот беше мирен и охрабрувачки, што ми овозможи да ја држам со самодоверба, подготвена за сè што би можело да ѝ се случи. Таа имаше енцефалоцела, што значеше дека при раѓањето дел од мозокот ѝ излегувал низ отвор на черепот“, објасни Софи.
Таа не може да гледа, да слуша, да зборува или да се движи, но може да чувствува и да реагира на допир. Неговиот биолошки син Адам (19) е роден со проблем на кршливи коски и џуџест раст. Тој ја скршил речиси секоја коска во своето тело во некоја фаза од развојот.
Бзик вели дека грижата за оние кои се толку тешко болни е болен процес и дека знае дека нивното заедничко време е драгоцено. „Знам дека е срцепарателно. Знам дека е многу работа и знам дека ќе бидам повреден. Но, според мое мислење, треба да си помагаме едни на други“, рече Мохамед, човек со големо срце.

Му помага медицинска сестра
Во изминатите шест години, Мохамед работи со медицинска сестра која доаѓа секој ден за да може да прави мали паузи, да извршува други обврски и да се моли во џамија.
По текстот во „Los Angeles Times“, добил големо медиумско внимание. Еден онлајн коментатор го нарекол Бзик муслиманска Мајка Тереза, а друг отворил профил на апликацијата за донации „GoFundMe“ во негово име, за што ни самиот Мохамед не знаел сè додека компанијата не го контактирала.
Донациите ќе бидат поттик од 1600 долари месечно и тој планира парите да ги вложи во реновирање на својот дом за да им овозможи на болните деца што подобри услови за живот во него.
Се борел со рак
Овој добротвор имал и сопствени здравствени проблеми. Лекарите во декември 2016 година му соопштиле дека има рак на дебелото црево во втора фаза.

Во интервју за Детската болница во Лос Анџелес, ја опиша својата реакција на веста:
„Семејството не беше со мене и бев исплашен. Се чувствував исто како и децата. Тие се сами. Ако јас имам 62 години и се плашам, што е со нив?“, праша тогаш тој и доби огромна поддршка и молитви за оздравување, како за себе, така и за бројните деца за кои се грижи и за кои крајот е извесен, но сите се надеваат на чудо.
Мохамед и денес ја извршува оваа работа со целото свое срце. Тој сака децата да не бидат отфрлени, верувајќи дека секој треба да биде со некого и дека секој треба да биде сакан.















