Царинската управа поднесе кривична пријава против правно и физичко лице, откако инспекторите открија 166 нелегални поштенски пратки со стока вредна речиси 240 илјади денари.
Во координирана акција на Царинската управа, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, разоткриена е фирма која незаконски вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока на територијата на државата.
ФИРМА ФАТЕНА НА ДЕЛО – НЕЛЕГАЛНО ВРШЕЛА ПОШТЕНСКИ УСЛУГИ И КРИУМЧАРЕЛА ПРАТКИ, ЦАРИНСКА УПРАВА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА...
Posted by Царинска управа/Drejtoria e Doganave on Thursday, January 15, 2026
При претрес извршен од царински инспектори од Одделението за истраги, во просториите на фирмата биле пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, чија вкупна вредност се проценува на околу 240 илјади денари. Пронајдената стока е веднаш запленета, а против едно правно и едно физичко лице е поднесена кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
Според надлежните институции, фирмата вршела меѓународен поштенски сообраќај без соодветна лиценца, при што поштенските пратки биле внесувани во државата со возила преку граничен премин, без пријавување кај царинските органи. По внесувањето, пратките биле нелегално складирани во магацин во сопственост на фирмата, од каде биле подготвувани за понатамошна дистрибуција до крајните нарачатели, за што бил наплатуван паричен надомест.
Од Царинската управа истакнуваат дека ваквите активности претставуваат сериозно кршење на законите и директна закана за државните финансиски интереси, но и за фер конкуренцијата на пазарот.
„Царинската управа и во иднина ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со сите надлежни институции, со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење“, информираат од институцијата.
Надлежните најавуваат дека контролите ќе бидат интензивирани, а прекршителите ќе се соочат со законски санкции, со цел заштита на правниот поредок и интересите на граѓаните.











