Италијански економист: Трамп не е луд, зад она што го прави стои логика

Точка

14/01/2026

21:16

962

Големина на фонт

а а а

Едоардо Кампанела, директор и главен уредник на Инвестицискиот институт на „UniCredit Bank“, на Форумот за Централна и Источна Европа во Виена зборуваше за извесните предизвици за глобалната економија во оваа година.

Како еден од најголемите предизвици ја истакна политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи ја Трамп 2.0. Тој оценува дека станува збор за политика на неоимперијален модел, која не е последица на она што многумина мислат дека е.

„Не зборуваме за луд Трамп, туку зад она што го прави стои логика“, изјави Кампанела.


Поконкретно, смета дека Соединетите Американски Држави имаат меркантилистичка, односно неомеркантилистичка политика.

Меркантилизмот подразбира уверување дека природните ресурси, пред сè благородните метали, се гаранција за богатство. Се применувал од 16-от до 18-от век, а тоа често значело војни за тие ресурси. Трамповиот неомеркантилизам претставува настојување на американско овладување со ресурси значајни во 21-от век, со трговски протекционизам, кој пред сè се остварува преку царини.

Кампанела, како пример за Трамповиот неомеркантилизам, го наведе американското апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

За него, тоа е потврда дека за Америка демократизацијата на некоја држава повеќе не е приоритет, туку присвојувањето ресурси – во случајот на Венецуела тоа е нафтата. Во прилог на своето тврдење потсети дека Трамп не сака да го замени Мадуро со опозицијата, туку дека при овладувањето со нафтата сака да се потпре на веќе постоечките елити во земјата.


„Трамп не сака од Америка да создаде ново британско царство, туку да контролира точки, подрачја богати со ресурси“, додава тој.

Мислењето е дека Америка сè повеќе наликува на Кина, а Кина сè повеќе наликува на она што некогаш била Америка. Меѓу другото, тоа значи дека сега Кина се залага за слободна трговија во светот, што некогаш го застапуваше Америка.

Кампанела заклучи дека слободниот пазар повеќе не е гаранција за пристап до ресурси.