Грчкиот репрезентативец, Костас Цимикас, кој зад себе има лоша полусезона во Рома, би можел да се врати во Олимпијакос по пет и пол години. Клубот од Пиреја прави сè за да се договори со Ливерпул, објави „Газета дело Спорт“.
По доаѓањето на Милош Керкез, во летниот преоден рок, Цимикас стана вишок во Ливерпул и клубот реши да го позајми во Рома. Гркот не успеа да се вклопи во системот на Џанпјеро Гасперини, поради што „волчицата“ ја прекина соработката со левот бек по само шест месеци.
Бидејќи за него нема место ниту во Ливерпул, тој ќе мора да бара нов клуб.
Олимпијакос веќе долго време има проблем токму на позицијата на која игра Цимикас и во клубот се надеваат дека токму тој би можел да им донесе стабилност на црвено-белите во овој дел од теренот.
Цимикас има договор со Ливерпул до летото следната година. Без оглед на тоа што деталите од евентуалниот договор не беа презентирани, сосема е сигурно дека Олимпијакос би побарал позајмица до крајот на сезоната со право на откуп на договорот.
Искусниот грчки фудбалер одигра само 14 натпревари за Рома оваа сезона.








