Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата

Макфакс

15/01/2026

12:47

462

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи. Тој кажа дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.

„Не прекин, не црна листа, туку пауза, ќе напоменам за постапки за иселенички визи“, рече Муцунски.

Министерот појасни дека не е загрозено издавањето туристички визи, студентски визи како и визи во рамки на програмата „Ворк енд травел“.

„Ова не влијае на сите други постапки за издавање на визи за САД. Доколку сте стопанственик, слободно ќе можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој што сака да студира во САД или да оди на ‘Ворк енд травел’ ова значи дека нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, Светското првенство во фудбал ќе се одржи во САД, исто така, ќе може да патувате туристички“, рече Муцунски.

Тој порача дека јавноста во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненади од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно, како што рече, да почнеме да затвораме прашања кои што 20 години се обидуваме да ги затвориме.