Извесна мајка споделила клучни совети што да направите ако се најдете во застрашувачка ситуација да го изгубите детето на јавно место, вклучувајќи техника што ја нарекува „гласно барање“.
Ниту еден родител не сака ни да помисли на можноста неговото дете да исчезне, но исклучително е важно да се знае како да се реагира во таква, крајно стресна ситуација. Мајка која доживеала момент на чист ужас кога го изгубила своето дете во супермаркет споделила драгоцени насоки за другите родители и објаснила зошто се залага за методот „гласно барање“.
Таа, која на социјалните мрежи се претставува како @jesmartin, раскажала дека токму оваа стратегија ѝ помогнала да го пронајде синот откако се оддалечил во продавницата. Сега го споделува своето искуство со надеж дека ќе им помогне на другите кои може да се соочат со слична трауматична ситуација.
„Ако сте во забавен парк, зоолошка градина, трговски центар или каде било на друго место, и ќе погледнете околу себе а вашето дете повеќе не е покрај вас, она што треба да го направите е да почнете гласно да го барате. Немојте да го барате тивко“, објаснила таа во видео-снимка, пренесува „Mirror“.
„Под гласно барање мислам на тоа дека додека го барате детето, на глас го изговарате неговиот опис. Тоа звучи вака: барам момче, пет години, кратка кафеава коса, кафени очи, светла кожа, црвена Nike маица, црни шорцеви, црни патики.“
„На тој начин сите луѓе околу вас почнуваат да го бараат вашето дете, а не само вие.
Во најдобар случај, некој ќе го пронајде вашето дете и ќе ви го врати.“
„Во најлошото сценарио, ако некој го одвел вашето дете, ова ги зголемува шансите таа личност да го пушти штом ќе слушне дека сите веднаш го бараат и дека точно знаат како изгледа детето.“
„Можеби ќе имате впечаток дека изгледате глупаво додека го правите тоа, и можеби навистина така изгледа, но многу е подобро да изгледате глупаво отколку подоцна да жалите“, додала Џес.
Мајката потоа споделила и дополнителни совети, како на пример облекување на децата во впечатливи и усогласени комбинации за полесно да се забележат во гужва.
„Еднаш бев во игротека и таму имаше три браќа облечени во неон розово. Единственото на што можев да се фокусирам беа тие три момчиња, затоа што толку многу се издвојуваа“, раскажала таа.
Џес, исто така, ги советувала родителите пред поаѓање да ги фотографираат децата, за да имаат ажурни фотографии што точно прикажуваат како изгледа детето тој ден, како и да го напишат својот телефонски број на раката на детето.
Иако се надева дека никој од оние што ја следат нема да мора да ги примени овие совети, во случај родител сепак да се најде во ваква застрашувачка ситуација, овие разумни мерки можат да направат пресудна разлика.