И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“

Макфакс

14/01/2026

20:24

1.087

Големина на фонт

а а а

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.

Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.

За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз“, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.

Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.

На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.

Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.

„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.


Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.

Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.

Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.

САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.

Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.

Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.