[ФОТО] „Може ли малку обѕир кон другите?“: Виена апелира на културно однесување во јавниот превоз, заборавете на гласно телефонирање и консумирање храна

Точка

19/03/2026

19:14

235

Големина на фонт

а а а

Градскиот превозник „Виенски линии“ отпочна нова кампања со цел подигнување на свеста за културата на однесување во јавниот превоз, повикувајќи ги патниците на повеќе меѓусебно внимание и почит.

Повод за оваа иницијатива во Виена се сè почестите ситуации што им пречат на патниците: гласно телефонирање преку звучник, слушање музика без слушалки или консумирање храна со непријатен мирис во возилата.

Иако на некои ваквото однесување им изгледа банално, за голем број патници претставува значаен извор на непријатност.


Кампањата е отпочната под слоганот „Може ли малку обѕир кон другите?“ („Host kan Genierer?“), а вклучува објави на социјалните мрежи, известувања на станиците, како и засилени контроли и опомени на терен.

„Таму каде што секојдневно се среќаваат милиони луѓе, потребни се јасни правила и меѓусебно почитување. Нашиот јавен превоз е заеднички простор и бара почит – безобѕирното однесување не е прифатливо“, изјави членот на Градскиот совет за јавен превоз Ули Зима.

Вработените во „Виенските линии“ во иднина поинтензивно ќе го надгледуваат почитувањето на правилата и ќе ги предупредуваат патниците на несоодветно однесување. Воедно, целта на кампањата е и поттикнување на патниците да реагираат и меѓусебно да се потсетуваат на правилата.


Неодамнешно истражување спроведено меѓу околу 800 испитаници на возраст од 16 до 75 години покажува дека само 9 отсто признаваат дека некогаш гласно телефонирале или гледале содржини без слушалки, додека дури 86 отсто наведуваат дека таквото однесување ги вознемирува. Дури 92 отсто од испитаниците сметаат дека ваквите навики треба да се избегнуваат.

Како и при воведувањето на забраната за консумирање храна во метрото во 2019 година, и оваа иницијатива во првата фаза става акцент на информирање и подигнување на свеста.


„Нашите правила се јасни и важат за сите. Повеќето патници ги почитуваат. Со оваа кампања сакаме да допреме до оние кои тоа не го прават, а често не се ни свесни за последиците од своето однесување“, истакна директорката на „Виенските линии“ Александра Рајнагл.