Доделувањето на Златните глобуси, 83-то по ред, кога станува збор за модата, остави малку недоречен впечаток.
Многумина очекуваа многу повеќе од ѕвездите на црвениот килим, но далеку од тоа дека немаше одлично облечени дами кои привлекуваа внимание во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес.
Една од најдобро облечените, без сомнение, беше и австралиската актерка Роуз Бирн, која освои и Златен глобус во категоријата за најдобра актерка во филмски мјузикл или комедија за филмот „If I Had Legs I’d Kick You“.

Таа на црвениот килим се појавила во раскошен зелен фустан од „Шанел“, со рачно извезени перли и кристали.

Свилената креација ја следела линијата на телото. Во горниот дел имала длабоко V-деколте, а по рабовите – перли и кристали, а од струкот до подот имала рамен крој со кратка опашка. Детаљот во пределот на струкот, кој се спуштал до подот, дополнително придонел за атрактивноста на самиот фустан.

„Ми се допадна прекрасната, едноставна елеганција на фустанот со толку смела боја. Тоа е многу уникатна и многу ’шанелска‘ комбинација. Ми се допаднаа и деталите на задната страна на фустанот, како и навестување на драма со опашката“, изјавила актерката за британскиот „Vogue“.

За изработка на 4.660 везени детали биле потребни 210 часови рачна работа, а со појавувањето во овој фустан актерката оживеала спомени на легендарен моден момент на Кира Најтли, која ги импресионирала сите во прочуениот зелен фустан во филмот „Atonement“.

Бирн својот изглед го надополнила со накит од колекцијата „Chanel Tweed“: обетки „Frangé“ прстен „Brodé“ и нараквица „Motif Russe“ од 18-каратно бело злато.
Кога станува збор за совршено усогласен гламур, актерката го ангажирала својот долгогодишен шминкер Џејмс Молој.

„Инспирацијата ја црпевме од 1940-тите, фокусирајќи се на елеганција со леснотија на носење, и токму тоа прави изгледот да делува модерно“, рекол тој, додавајќи дека фокусот бил на леснотијата на постоењето.

„Секогаш станува збор за рамнотежа. Облеката, косата и накитот природно водат кон стилот на шминката, но исто толку е важно и како шминката прави да се чувствувате“, додал тој.