Ако патувате во Австрија, многумина ќе ви препорачаат да ги вкусите нивните традиционални јадења како што се Wiener Schnitzel (виенски шницла, поховано и пржено телешко месо сервирано со компир салата или магдонос), Käsespätzle (австриска паста со сирење и печен кромид, типична за Алпите), Knödel (слатки или солени кнедли од леб, компири или тесто) или Apfelstrudel (пита со јаболка, цимет и суво грозје).
Секако, тука се и Mozartkugeln , но далеку најпознатата слатка е Sacher торта — чоколаден бисквит прелеан со чоколадна глазура, со внатрешен слој џем од кајсии, кој може да биде под глазурата или во средината, меѓу два слоја бисквит.
Тортата е замислена во 1832 година од Франц Захер, тогаш 16-годишен чирак, и ја направил за канцеларот Клеменс фон Метерних, кој одредено време бил и австриски министер за надворешни работи, за важна вечера во неговата палата во Виена, токму кога главниот готвач бил болен.

Тортата се служи во хотелот „Sacher“ и во слаткарницата „Demel “во Виена, кои во 20. век воделе спор околу сопственоста над неа, но и околу самиот рецепт, односно дали тортата треба да има еден или два слоја бисквит. И хотелот и слаткарницата своите точни рецепти ги чуваат во строга тајност, но состојките на тортата вклучуваат путер, чоколадо, јајца, брашно и шеќер. Хотелот „Sacher“ ја послужува тортата со шлаг.
Самиот збор Torte на германски јазик значи повеќеслојна торта со фил, а Франц Захер, по потекло Евреин, ја осмислил прочуената Sacher торта за Метерних, кој сакал да ги импресионира угледните гости од високото општество што доаѓале на вечера кај него. „Сакам да им се послужи десерт што нема да ме посрами“, наводно рекол. Сè друго е историја.

Кога во 1876 година го отворил прочуениот хотел Sacher во близина на Виенската опера, синот на Франц, Едуард, веднаш почнал во него да го продава десертот на својот татко. Во меѓувреме таа станала многу популарна во австриската престолнина, надминувајќи ја по популарност и Линцер тортата. Ја барале и во други европски градови како Париз, Берлин и Лондон, а се извезувала дури и преку океанот — во САД, Индија и Јапонија.
Sacher тортата била внесена во австрискиот кодекс на храна (Codex Alimentarius Austriacus на латински јазик) во 1894 година, а во англискиот речник на почетокот на 20 век. До 1930-тите години се појавиле и многу други верзии на тортата, а токму тогаш хотелот Sacher влегол во правна битка со слаткарницата Demel околу сопственоста и заштитниот знак на тортата.

Слаткарницата, имено, во 1934 година ја претставила тортата под името „Eduard Sacher-Torte“, додека хотелот ја служел под називот „Original Sacher-Torte“. Аргументот на Demel се темелел на фактот дека правото на производство на тортата го добиле од Едуард, додека хотелот Sacher својот аргумент го засновал на семејната врска. Ханс Гиртлер, еден од инвеститорите на хотелот, ја тужел слаткарницата и победил во 1938 година.
По Втората светска војна, тортата повторно се нашла пред австрискиот Врховен суд. Тогаш се расправало дали треба да има еден слој бисквит, што го преферирала слаткарницата Demel, или два, за што се залагал хотелот. Случајот бил конечно завршен дури во 1963 година, по што слаткарницата најавила дека ќе го промени името на својата торта во „Ur-Sachertorte“. Дуополот околу тортата бил задржан, а хотелот ја надминува слаткарницата во продажбата со однос пет спрема еден.

Други слаткарници и ресторани низ цела Австрија се обиделе да ја реплицираат оригиналната Sacher торта. Хотелот Sacher својот рецепт, кој практично не е променет уште од 1832 година, го чува во сеф и го користат само нивните овластени пекарници. Таму годишно се прават повеќе од 300.000 торти, а традиционално се послужува со незасладена матена павлака (Schlagobers), шолја кафе (Wiener Melange) или шампањ.
Верзијата на Demel има еден слој бисквит и џемот од кајсии се става под чоколадната глазура, додека хотелот Sacher го става во средината, меѓу два слоја бисквит. Наводно, тортата била омилена слатка на Сигмунд Фројд, прочуениот австриски невролог и татко на психоанализата.