Ретки се љубовните приказни во светот на славните спортисти што траат уште од детството, а да не се од Балканот и не се поврзани со Новак Ѓоковиќ или Никола Јокиќ, кои се оженија со своите средношколски љубови.
Сепак, еден фудбалер ја пронашол љубовта уште на 9-годишна возраст. И таа трае со ист интензитет повеќе од три децении.
Лионел Меси, кого многумина го сметаат за најдобар фудбалер на сите времиња, зад себе има богата професионална кариера. Сепак, она што често привлекува еднакво внимание кај јавноста е неговиот приватен живот и долгогодишната љубов со сопругата Антонела Рокуцо.
Љубовната приказна на Меси и Антонела започнува во Росарио, Аргентина, кога Лионел имал само шест години. Антонела, која е една година помлада, ја запознал преку својот најдобар пријател Лукас Скаља, нејзин братучед. Иако тогаш биле само деца и не разговарале многу, Меси многу рано сфатил дека кон неа чувствува нешто посебно.

Според анегдотите што подоцна излегоа во јавноста, Меси дури напишал и порака во која стоело: „Еден ден ќе се вериме“.
Нивната младешка блискост ја прекинало заминувањето на Меси во Шпанија, каде што станал дел од младинската школа на Барселона. Додека тој ја градел професионалната кариера, Антонела останала во Росарио, а животот на извесно време ги оддалечил.
Судбинскиот момент се случил во 2005 година, кога Антонела ја изгубила својата најдобра пријателка во сообраќајна несреќа. Кога слушнал за трагедијата, Меси веднаш допатувал во Аргентина за да биде покрај неа. Тој гест повторно ги зближил и го означил почетокот на сериозна врска.

Оттогаш редовно биле во контакт, а нивното пријателство прераснало во љубов, далеку од очите на јавноста.
Дури во 2009 година Меси првпат јавно потврди дека е во врска со Антонела, што предизвика голем интерес кај јавноста. Три години подоцна Антонела се пресели во Барселона, каде што го започнаа заедничкиот живот.
Истата година го добија и првото дете, синот Тијаго Меси. Семејството се прошири во 2015 година со раѓањето на вториот син, Матео, а во 2018 година го добија и третиот син, Чиро.
Денес Меси и Антонела често истакнуваат дека семејството им е апсолутен приоритет, без оглед на професионалните обврски и славата.

Инаку, по раѓањето на двајцата синови, парот реши и да се венча, а церемонијата симболично беше одржана во Росарио на 30 јуни 2017 година. На свадбата се собраа бројни светски ѕвезди – особено од фудбалскиот свет – а медиумите ја прогласија за „венчавка на векот“.
Антонела Рокуцо е родена на 26 февруари 1988 година и е средно дете во семејство со три ќерки. Иако во јавноста стана позната благодарение на врската со Меси, таа изгради и сопствена кариера. Студирала стоматологија, но подоцна се насочила кон модата и бизнисот.

Денес е косопственик на бутик за обувки и соработува со бројни светски брендови преку социјалните мрежи. И покрај тоа, позната е по својата повлеченост и посветеност на семејството.
Лионел Меси е роден на 24 јуни 1987 година во Росарио. Во текот на кариерата освои бројни трофеи, вклучувајќи осум „Златни топки“, а врвот на кариерата го доживеа во 2022 година, кога ја предводеше Аргентина до титулата светски шампион.
И покрај светската слава, тој е познат како семеен и скромен човек, кој приватниот живот го чува далеку од рефлекторите.