Пет извори на микропластика во исхраната за кои можеби никогаш не сте помислиле

Точка

14/01/2026

11:22

380

Големина на фонт

а а а

Истражувањата покажуваат дека преку храна и пијалаци дневно можеме да внесеме од нула до дури 1,5 милиони честички микро-пластика, често без да сме свесни за тоа.

Свесноста за присуството на микро-пластика во храната сè повеќе расте, особено кога станува збор за морските плодови. Но научните истражувања покажуваат дека изложеноста на микро-пластика преку други секојдневни намирници и навики е многу почеста отколку што повеќето луѓе претпоставуваат.

Според проценките, дневниот внес на микро-пластика преку храна и пијалаци може да варира од речиси нула до дури 1,5 милиони честички. Еден од најголемите извори, според истражувањата, е флашираната вода.


Еден од неочекуваните извори е џвакањето гуми. Поголемиот дел од комерцијалните гуми се направени од синтетичка гумена база (комбинација од пластика и гума) во која се додаваат ароми и засладувачи. За време на џвакањето, оваа база ослободува микро-пластични честички. Истражувањата покажуваат дека еден грам гума може да ослободи и до 637 честички микро-пластика, а најголемиот дел се ослободуваат во првите неколку минути.


Изненадувачки, ни таканаречените „природни“ гуми не се значително подобри, што укажува дека изворот на микро-пластиката не е само составот, туку и процесот на производство и пакување.

Солта, иако изгледа како една од најчистите намирници, исто така често е контаминирана. Истражувањата покажуваат дека дури 94 проценти од солта на светскиот пазар содржи микро-пластика. Контаминацијата често потекнува од производствениот процес и пакувањето, а дополнително може да се зголеми при користење на пластични мелници за сол и зачини.


Микро-пластика е пронајдена и во овошјето и зеленчукот, особено во јаболката и морковите. Нанопластични честички можат да навлезат во растенијата преку коренот, но и да се задржат на нивната површина. Иако количините се релативно мали во споредба со високо преработената храна, истражувачите истакнуваат дека придобивките од консумирање овошје и зеленчук сè уште далеку ги надминуваат потенцијалните ризици.


Чајот и кафето се уште еден често занемарен извор. Освен пластичните филтер-кесички за чај, проблем претставуваат и еднократните чаши обложени со пластика, од кои при високи температури микро-пластиката може да премине директно во пијалакот. Топлите напитоци генерално содржат повеќе микро-пластика од ладните, а употребата на метални или стаклени чаши може значително да ја намали изложеноста.

Иако морските плодови често се посочуваат како главен виновник, истражувањата покажуваат дека тие содржат далеку помал број микро-пластични честички во споредба со некои секојдневни навики, како пиењето чај од пластична кесичка.


Научниците предупредуваат дека чувањето храна во пластични садови, како и честата консумација на високо преработена храна, се поврзани со поголемо присуство на микро-пластика во организмот. Најголемиот извор, сепак, останува флашираната вода, која може да содржи и до 240.000 честички микро-пластика на литар.

Иако целосно избегнување на пластиката е речиси невозможно, експертите порачуваат дека мали промени (како користење стаклени садови, вода од чешма и минимизирање на пакувана храна) можат значително да го намалат дневниот внес на микро-пластика.