Се подготвува судир на мегаѕвездите? Чимаев го предизвикува Переира на борба во Белата куќа

Точка

13/01/2026

18:40

608

Големина на фонт

а а а

УФЦ шампионот во средна категорија Хамзат Чимаев го прозва шампионот во полутешка категорија Алекс Переира, предлагајќи борба „шампион против шампион“ на УФЦ настан во Белата куќа во јуни.

Чимаев титулата во категоријата до 84 кг ја освои минатиот август на настанот УФЦ 319, каде убедливо го победи тогашниот носител на појасот Дрикус ду Плесис, пишува „MMA Weekly“.


Повик преку социјалните мрежи

Чимаев, кој сè уште не го одбрани својот појас, му упати повик на Переиеа преку платформата Икс. „Ајде во Белата куќа. Не грижи се, брзо ќе те завршам“, напиша Чимаев. Набргу потоа, во друга објава, им се обрати на навивачите од Бразил да го поттикнат Переира да ја прифати борбата. „Сите бразилски фанови кажете му на ова момче — ако не се плаши, нека се бори“, додаде тој.

Ова не е првпат Чимаев да го прозове Переира. Во декември на социјалните мрежи објави мим, обвинувајќи го Бразилецот дека го избегнува. Од друга страна Переира ја врати титулата шампион во полутешка категорија (до 93 кг) на УФЦ 320 во октомври, кога во реванш го победи Магомед Анкалаев и така по вторпат стана носител на појасот.


Посебен настан во Вашингтон

УФЦ настанот во Белата куќа е закажан за 14 јуни во Вашингтон. Извршниот директор на УФЦ, Дејна Вајт, неодамна откри детали, наведувајќи дека октагонот ќе биде поставен на Јужниот тревник, а борците ќе влегуваат во кафезот од Овалната канцеларија.