Дали Венецуела е „најопасната закана на светската сцена?“ Оваа серија изгледа се согласува со оваа тврдење.
Се разбира, Џек Рајан не е реална личност. Тој е фиктивен лик создаден од Том Кленси, херој на бестселер романите, филмските адаптации и истоимената серија што четири сезони се емитувала на „Amazon Prime“.
Сепак, по неодамнешните американските воени напади врз Каракас и апсењето на претседателот Николас Мадуро, социјалните мрежи се преплавени со клипови од серијата „Tom Clancy's Jack Ryan“, поточно со една сцена стара шест години, во која аналитичар на ЦИА објаснува зошто Венецуела е поголема безбедносна закана од Русија, Кина или Северна Кореја.
Инстаграм рил со наслов „Venezuela explained“, кој користи исечок од серијата, за само два дена бил прегледан речиси 40 милиони пати, а потоа масовно бил реобјавуван на ТикТок, Икс и други платформи.
Сцената потекнува од првата епизода на втората сезона од серијата од 2019 година и го прикажува Рајан, кого го толкува Џон Красински (да, Џим од „The Office“), како им објаснува на студентите зошто економски и политички разнишаната Венецуела претставува посериозен проблем за САД отколку глобалните сили.
Во моментот кога епизодата се снимала, сценариото делумно се потпирало на тогашната состојба во земјата. Но денес, во контекст на актуелните настани, многумина се прашуваат — дали серијата всушност го „предвидела“ она што сега се случува.
Нешто што го признава дури и еден од креаторите на серијата.
Вирално пророштво?
Во своето излагање, Рајан вели дека Венецуела е „веројатно најголемиот извор на нафта и минерали на планетата“, но и дека истовремено се наоѓа „насреде една од најголемите хуманитарни кризи во модерната историја“.
Тој зборува за фиктивниот претседател Николас Рејес (го толкува Жорди Мола), за кого вели дека „ја преполовил националната економија“ и четирикратно ја зголемил стапката на сиромаштија во шест години од доаѓањето на власт, што било проследено со „бран на националистичка гордост“.
Ликот на Рејес е своевидна комбинација од Мадуро и неговиот претходник Уго Чавез, харизматичен социјалистички лидер кој бил избран во 1998 година и управувал со Венецуела до својата смрт во 2013 година.

Мадуро, меѓутоа, отишол чекор понатаму — владеел со поцврста рака, ја изолирал земјата и ја довел економијата до колапс, поради што, според податоците на агенцијата на ОН за бегалци, речиси осум милиони луѓе ја напуштиле Венецуела меѓу 2014 и крајот на 2025 година.
Во серијата, Рајан ја нарекува Венецуела „пропадната држава“ што надворешните сили лесно можат да ја искористат.
„Нестабилните влади се најголемите можности“, вели тој, додавајќи дека Русија и Кина никогаш не можат да бидат најголемата закана „сè додека земји како Венецуела ги оставаат вратите широко отворени“.
Интересно е што лекцијата на Рајан не повикува директно на американска интервенција — каква неодамна се случила во реалноста — туку служи како вовед во заплетот на втората сезона, во која тој истражува наводна пратка оружје во венецуелската џунгла и открива заговор поврзан со експлоатацијата на редок метал.
Фикцијата, очигледно, овојпат звучи малку премногу познато.














