Варди и на 38 години урива рекорди! Само Роналдо е пред него

Точка

09/01/2026

17:21

870

Големина на фонт

а а а

Џејми Варди продолжува да ги поместува границите и на 38-годишна возраст. Поранешниот англиски репрезентативец и шампион на Премиер Лигата со Лестер Сити ја достигна неверојатната бројка од 150 постигнати голови во петте најсилни европски лиги, а последниот го постигна во дресот на италијанскиот прволигаш „Cremonese“.

Она што овој подвиг го прави уште поимпресивен е фактот што дури 116 голови ги постигнал по својот 30. роденден, а на таа листа пред него е само Кристијано Роналдо.

Само Роналдо е пред него

Варди својот 150. гол на највисоко ниво го постигна во ремито 2:2 против Каљари. Тоа беше неговиот петти гол за Кремонезе, во кој пристигна како слободен играч во летото 2025 година. Претходно, за Лестер Сити постигна 145 првенствени голови, а во сезоната 2019/20 ја освои и „Златната копачка“ на Премиер Лигата со 23 погодоци.


Кога се гледаат головите постигнати по 30. роденден во лигите од т.н. „топ 5“, бројката од 116 голови на Варди ја надминува само Кристијано Роналдо. Петкратниот освојувач на „Златната топка“ постигнал дури 290 такви голови – 162 за Реал Мадрид, 101 за Јувентус и 27 во својот втор мандат во Манчестер Јунајтед.

Португалецот, кој сега има 40 години, сè уште е активен во саудискиот Ал Наср и во кариерата вкупно има постигнато 958 голови, а со договор е врзан до 2027 година.

Варди повторно се докажува

Се чини дека и Варди планира да следи сличен пат, бидејќи не покажува намера за скорешно пензионирање. Договорот со Кремонезе содржи опција за продолжување на уште една година, а Англичанецот е решен да ги замолчи сите критичари. По доаѓањето во Италија, на прашањето на новинарите што може да понуди со оглед на своите години, тој подготвено одговори:


„Мора да сте еден од скептиците. Вие сте еден од оние на кои ќе морам да им докажам дека грешат“, рече Варди и продолжи: „Слушајте, за мене годините се само бројка. Отсекогаш сум велел, сè додека моите нозе го прават она што секогаш го правеле и се чувствуваат свежо, ќе продолжам да играм. Во моментов нема знаци на забавување, па ќе продолжам и ќе дадам сè од себе за овој клуб.“

„Во текот на целата моја кариера луѓето се сомневаа во мене. Секогаш било така и секогаш ќе биде. Она што секогаш успевав да го направам е да го свртам тоа во своја корист и на сите да им докажам дека грешат“, додаде напаѓачот.